ДОСИЕ: За само неколку дена овие луѓе исчезнаа, а некои се веќе пронајдени без живот. Денес нов случај

22.02.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
ДОСИЕ: За само неколку дена овие луѓе исчезнаа, а некои се веќе пронајдени без живот. Денес нов случај

Завчера исчезна жена од Ѓорче Петров, а веќе вчера ја потресе јавноста нова вест за исчезнување на млад скопјанец, кому му се губи трагата. Минатата недела беше исчезната жена од Драчево, а потоа беше извадена од водите во Вардар. Веројатно уште многумина се сеќаваат на дваесет и шестгодишното момче Пино Пинета Секондо, кое исчезна во декември минатата година, кое досега не е најдено. Граѓаните се во шок, неверување, но и видно се вознемирени од објавите за низата исчезнувања на луѓе што се случија последниов период. Зачестија и објавите за исчезнувањата на луѓе по социјалните медиуми, па затоа и не стивнуваат дискусиите на оваа тема. Најновиот, последен случај е исчезнувањето на Горан Атанасовски од Скопје, на возраст од 35 години. Последните информации што ги има семејството е дека е виден завчера, помеѓу 14 и 15 часот, на локација кај трговскиот центар „Беверли“, од каде што заминал во правец на продажниот центар „Бриколаж“. Според податоците од Министерството за внатрешни работи, за цели четири години, од 2014 заклучно со 2018 година, исчезнале вкупно 2.008 лица, а 1.876 од нив биле пронајдени.

И завчерашното исчезнување на младото момче беше објавено на социјалните мрежи.

– Влегол во металик-сиво „фолксваген поло“, со рег. СК-3104-АО. Облечен е во кошула и панталони. Доколку некој има каква било информација, може да се јави на 072-224-522 или да пријави во полициска станица – пишува семејството на социјалните мрежи.

Во сеќавањата на скопјани сѐ уште е свеж случајот на Даниела Пецевска, која исчезна претходната недела. Нејзиниот сопруг и блиските бараа помош и преку социјалните мрежи. Се шпекулираше дека била видена во Битола. Потрагата, која траеше со денови, заврши откако ја пронајдоа во водите на Вардар во Горно Лисиче. Овој случај сѐ уште се истражува поради утврдување на причините за смртта, велат од Министерството за внатрешни работи.

– Според податоците од Одделот за односи со јавност и стратегиски прашања, од 2014 до 2018 година имало 2008 пријави за исчезнати лица, а 1.876 од нив биле пронајдени. Најголем број исчезнати лица има во 2014 година, 574 исчезнати, од кои 554 лица биле пронајдени. Вкупната бројка на исчезнати лица во Скопје за 2018 година изнесува 259 – велат од Министерството за внатрешни работи. Оттаму појаснуваат дека исчезнуваат лица од повеќе причини. Според нивната статистика, лицата најчесто исчезнуваат поради нарушени семејни односи, љубовни врски… Но често исчезнуваат и лица со нарушени здравствени проблеми, како на пример напредно ниво на деменција.

Сепак, од разговори со повеќе граѓани се добива впечаток дека тие се загрижени, а некои од нив дури и исплашени од големиот број исчезнувања што се случија изминативе денови. Не завршил (не е расветлен) еден, а веднаш по него има нов случај. Полицискиот билтен во вторникот ја објави информацијата за исчезната жена од Ѓорче Петров.

– На 19.2.2019 година, во 20 часот, во полициската станица Ѓорче Петров, С.Ј. (62) пријавила дека од домот се оддалечила нејзината мајка Ц.Б. (88). Во последниве случаи за исчезнување е и шеесет и тригодишна жителка на Куманово. Случајот во полиција го пријавил нејзиниот 61-годишен сопруг, кој изјавил дека неговата сопруга се оддалечила од дома во непознат правец – стоеше во информацијата.

На страницата на Министерството за внатрешни работи има голем број објави за исчезнати лица. Меѓу поновите се за Пинета Секондо, кој е исчезнат од 10 декември минатата година во Скопје, и за Абдул Алибен, чие исчезнување е запишано на 1 февруари годинава. На оваа страница на МВР се забележуваат и многу постари објави за исчезнати, дури од 1992 година.

– Тоа е така затоа што постапката се прекинува тогаш кога ќе се пронајде исчезнатото лице или кога во одредени случаи ќе се пронајде тело на исчезнато лице – појаснуваат од МВР.

И случајот за Алибен сѐ уште е актуелен на социјалните медиуми. По него се трага веќе 20 дена, а Алибен последен пат е виден на 1 февруари годинава, во Маџир Маало. Семејството на Алибен Абдул ги моли за помош сите добронамерни граѓани. – Дваесетти ден како те нема, тато. Споделувајте! Татко ми Алибен исчезна на 1.2.2019, петок, последно виден околу 10 часот, со количка за на пазар, како го напушта домот во Маџир Маало. На сликата се гледа како е облечен (црна јакна, панталони, обувки, капа). Со секое споделување на објавата, поголеми се шансите некој да го препознае! Споделете!!! Доколку имате информации: 077/602-032, 070/814-060, 077/631-120 – пишува на социјалните мрежи неговата ќерка Дениса Абдул.

Потресни се овие објави на беспомошните семејства, кои во случајов бараат помош да се пронајдат најблиските од секој добронамерен граѓанин, а не само од полицијата. Но проблемот е многу посериозен одошто се чини и можеби бара посериозна општествена мобилизација и реакција. Медиумите и социјалните мрежи можат да помогнат во споделувањето и што побргу ширење на информациите, што во одредени случаи се покажува како клучно.


Во Нерези е пронајдено мртво машко тело

Околу 13 часот во Нерези, во бездна до патот, е пронајдено машко тело, а во неговата близина и возило марка „поло“. Телото по наредба на јавен обвинител е дадено на обдукција, информираа вчера од МВР, но не ни потврдија дали станува збор за исчезнатиот Горан Атанасовски. Социјалните мрежи вчера беа преплавени со информацијата дека младиот скопјанец, кој беше исчезнат, е пронајден мртов.

(Нова Македонија)

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата