Полицијата поднесе кривични пријави против 13 лица кои не ги почитувале здравствените мерки

25.03.2020
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Полицијата поднесе кривични пријави против 13 лица кои не ги почитувале здравствените мерки

Полицијата поднесе кривични пријави против 13 лица кои не ги почитувале здравствените мерки и не останале во изолација 14 дена, го прекриле полицискиот час или пак не ги затвориле угостителските објекти како што беше наложено со одлука на Владата.

СВР Гостивар поднесе кривична пријава против С.Д.(21) од с.Страјане, Гостиварско, кој не ги почитувал задолжителните мерки, се движел во ноќните часови низ подрачјето на Гостивар и од полициски службеници бил приведен во Полициската станица Гостивар за понатамошна постапка.Пријава е поднесена и против С.Б.(44) од с.Страјане, Гостиварско, кој во временски период од 21.00 часот до 05.00 часот, не ги почитувал задолжителните мерки, се движел низ подрачјето на Гостивар, поради што бил приведен во Полициската станица Гостивар за понатамошно постапување.

Гостиварската полиција поднесе кривична пријава и против А.Љ.(33) од с.Балиндол, Гостивар, кој не ги почитувал задолжителните мерки и бил забележан како се движи со патничко возило „фолксваген бора“. Тој бил приведен во Полициската станица Гостивар за понатамошна постапка.

СВР Тетово поднесе кривична пријава против Б.З.(29) од Тетово, кој во угостителски објект на ул.„107“ во Тетово не ги почитувал мерките за затворање и неработење. На местото на настанот бил затекнат пријавениот, кој е сопственик на угостителскиот објект и изјавил дека во угостителскиот објект преку шалтерски систем се послужувале граѓани со кафе и пијалаци. Во координација со Државниот пазарен инспекторат – Подрачна единица Тетово, наведениот угостителски објект бил затворен.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Свети Николе поднесе кривични пријави против М.С.(27), И.Д.(32), С.А.(21), сите од Свети Николе и С.Ѓ. (19) од с.Немањици, Свети Николе, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“. На 23.03.2020, М.С. и И.Д. не постапиле според писмената наредба издадена од страна на Министерството за здравство и потпишаната изјава за задолжителна самоизолација од 17.03.2020, при остварен влез во земјава, односно при извршена проверка биле надвор од своите домови, додека С.А. и С.Ѓ. на 24.03.2020 не го испочитувале воведениот полициски час, ги напуштиле своите домови и со патничко возило „сузуки свифт“ биле пресретнати од полициски службеници и биле лишени од слобода.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Виница поднесе кривична пријава против А.Г.(31) од Виница,кој се обврзал на задолжителна самоизолација во времетраење од 14 дена. На 19.03.2020 тој не се придржувал на изречените мерки, односно полициски службеници од Полициската станица Виница на магистралниот пат Кочани-Делчево сопреле и контролирале товарно возило „пежо“, управувано од пријавениот.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Виница поднесе кривични пријави против В.Ќ.(44) од Виница. За време на полициски час, полициски службеници дале знак за сопирање на патничко возило управувано од пријавeниот, но тој не застанал и продолжил со движење, постапувајќи спротивно на одлуката на Владата за спроведување на полициски час.

СВР Куманово поднесе кривична пријава против Б.К.(32) од Куманово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“. Тој остварил влез од Германија во Р.С.Македонија преку Граничниот премин Меѓународен аеродром Скопје и потпишал изјава за спроведување на задолжителна самоизолација во времетраење од 14 дена. На 20.03.2020 при извршена контрола од полициски службеници на адреса која била наведена во изјавата како место на кое ќе ја спроведувал самоизолацијата, тој не бил пронајден.

СВР Куманово поднесе кривични пријави против А.С.(39) од с.Водоврати, Градско и С.С.(35) од с.Ќојлија, Петровец, кои спротивно на забраната за движење на населението од 21.00 до 06.00 часот, односно се движеле со патничко возило „мерцедес“, по магистрален пат Крива Паланка – Куманово. Од полициски службеници од Полициското одделение Ранковце биле сопрени и првопријавениот одбил да се легитимира, по што го стартувал возилото и заминал во правец на Куманово. Околу 23.35 часот возилото било забележано од полициски службеници од СВР Куманово, по што пријавените, откако биле легитимирани и бил извршен преглед на возилото, и двајцата биле лишени од слобода.

извор: Makfax

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата