Apple претстави нов iPad Pro и „магична тастатура“ со тракпад (ВИДЕО)

19.03.2020
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Apple претстави нов iPad Pro и „магична тастатура“ со тракпад (ВИДЕО)

Apple претстави ажурирана верзија на iPad Pro таблетот, кој изгледа како минатогодишниот модел, но имплементира голем број подобрувања и надградби. Новиот таблет пристигнува во големини од 11 и 12,9 инчи, кои се веќе во продажба преку онлајн продавницата на Apple.

Некои од најбитните подобрувања на новите iPad Pro модели се секундарна камера со ултраширок објектив и нов LiDAR скенер, кој овозможува мерење на дистанцата за објекти на далечина до пет метри. Оваа опција би требало да помага кај проширената реалност и depth-sensing можностите.

Освежениот iPad Pro користи Apple A12Z Bionic чипсет, заедно со осмојадрен графички чип и подобрена архитектура за управување на ладењето.

Уште еден корисен додаток на таблет уредот е новата тастатура – Magic Keyboard. Оваа тастатура со позадинско осветлување има „лебдечки дизајн“ со подесување на аглите на гледање. Ова овозможува таблетот да се користи под агол на гледање кој е подобен за корисниците. Тастатурата ќе се продава самостојно од мај, по цена од 299 долари за 11-инчниот iPad Pro и 349 долари за 12,9-инчниот модел.

Кога е во прашање софтверот, iPad Pro користи iPadOS 13.4, заедно со тракпад поддршка. Apple исто така тврди дека батеријата на таблетот трае до 10 часа. Тука е и Liquid Retina дисплеј со ProMotion технологија, која автоматски го подесува освежувањето на дисплејот до 120Hz.

На задната страна се наоѓаат камери од 12MP (широка) и 10MP Ultra Wide камера за зумирање и фотографирање со пошироко поле на преглед.

Новиот iPad Pro ќе се испорачува во сребрена и сива варијанта, со основна интерна меморија од 128GB. Можна е опција за надградба на 256GB, 512GB и 1TB. Цената на 11-инчниот iPad Pro изнесува 799 долари за Wi-Fi моделот и 949 долари за  Wi-Fi + Cellular. Моделот од 12.9 инчи има цена од 999 долари за Wi-Fi и 1149 долари за Wi-Fi + Cellular варијантата.

извор: USB.mk

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата