АСОМ: Од игрите на среќа, лани во буџетот се влеале 253 милиони евра

21.02.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
АСОМ: Од игрите на среќа, лани во буџетот се влеале 253 милиони евра

Од индустријата за приредување на игри на среќа во републичкиот и локалните буџети на Македонија минатата година се влеале 253 милиони евра.

Асоцијацијацијата на спортски обложувалници на Македонија (АСОМ) ги сумираше резултатите од работењето на своите членки и сите субјекти во индустријата и излезе со анализа за влијанието на индустријата за приредување игри на среќа врз македонската економија.

Презентирајќи го годишниот извештај, претседателот на АСОМ, Васко Илијевски истакна дека освен тоа што плаќаат висока стапка на данок на приходот кој го остваруваат и на тој начин учествуваат во голема мера во полнењето на државната каса, оваа економска гранка учествува со 4 проценти во БДП на земјата што значи дека приредувачите на игри на среќа го прават бизнис амбиентот на Македонија подобар.

„Директните приходи кои државната каса на Македонија ги има од индустријата на игри на среќа минатата година изнесуваа 135 милиони евра, што е 12 проценти повеќе отколку во 2017 година. Благодарение на индиректните проходи од ДДВ, локалните такси, придонеси и данок на плати, данок на закуп на локали итн – јавниот буџет во 2018 година беше зголемен за 118 милиони евра, што претставува пораст од 41 отсто на придонесот на индустријата на игри на среќа во стопанството на Македонија“, изјави Илијевски.

Анализата на работењето го опфаќа и придонесот на индустријата кон стабилноста на пазарот на трудот.

„Секој директно вработен во оваа индустрија, која има околу 7.700 вработени, одржува уште седум работни места во другите стопански гранки, односно индустријата на игри на среќа поддржува скоро 54.000 работни места. Земајќи ги предвид и членовите на семејствата, тоа значи дека од оваа стопанска гранка директно и индиректно во Македонија живеат 216.000 луѓе – вели Илијевски истакнувајќи дека трендот на раст кој го бележи овој сектор влијае и на намалување на невработеноста. Позитивното влијание на индустријата врз пазарот на трудот се гледа и во фактот што приредувачите на игри на среќа во текот на минатата година вработиле 40 отсто повеќе луѓе во однос на 2017“, додава претседателот на АСОМ.

За плати за своите вработени, компаниите приредувачи на игри на среќа издвојуваат скоро 32 милиони евра, при што за пензиско и здравствено осигурување на државата и плаќаат 11 милиони евра.

Од АСОМ велат дека стратегијата на сите членки на АСОМ е во насока на зголемување на мобилноста на пазарот на трудот така што се ангажираат студенти и дипломци кои претставуваат околку 15 проценти од вкупниот број на вработени. Компаниите во индустријата за игри на среќа постојано имаат отворени огласи за вработување на млади информатичари, математичари, програмери и електроинженери со што на овој профил на млади стручњаци им се дава можноста да ја започнат својата кариера во струката веднаш по завршувањето на студиите.

Според годишниот извештај, освен на намалувањето на бројот на невработени, индустријата на игри на среќа влијае и врз стопанскиот развој преку зголемување на обемот на производство на своите добавувачи на кои приредувачите на име набавки на роба и услуги минатата година им донесоа повеќекратна корист.

„Компаниите најмногу соработуваат со добавувачи од дејности кои се врзани за опремување на локали (производство на мебел, електрична опрема и уреди), пратечки и помошни дејности, а позитивниот ефект од нивното работење се прелева на пратечките сектори во стопанството. Да ви илустрирам што значи тоа – вели претседателот на АСОМ – за отворање на секое ново уплатно место, а во Македонија ги има околу 1.000, се инвестира од 50 до 80.000 евра, а во одржување на постојните по 10 до 15.000 евра, што покажува дека освен работењето на самата мрежа на уплатно-исплатни места, индустријата на игри на среќа значаен ефект на стопанството остварува и преку пратечките и помошни активности, набавка на компјутерска и телекомуникациска опрема, развој на неопходен софтвер, набавка и одржување на возниот парк, како и административните процеси кои во оваа индустрија се далеку посложени отколку што е тоа случај во другите стопански сектори“, потенцира Илијевски.

Годишниот извештај на АСОМ содржи и преглед на активностите на членките во доменот на општествена одговорност и грижа за заедницата.

„Особено сме горди што благодарение на индустријата на игри на среќа и компаниите здружени во Асоцијацијацијата на спортски обложувалници на Македонија, обновен е теренот на ракометното игралиште Женска плажа во Струга, кој го носи името на македонскиот ракометен херој Наумче Мојсовски. Во тек на кампањата „Заедно можеме се“, организирана за време на Светското првенство во фудбал 2018, собрани се средства од кои за Детската универзитетска клиника беше набавена неопходна современа медицинска опрема“, истакнува претседателот на АСОМ.

Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија посетува дека својата грижа за општеството ја покажа и при неодамнешната трагедија во која загинаа 14 лица, кога за семејствата на настраданите во автобуската несреќа на патот Скопје – Тетово донираа 1.200.000 денари.

Со оглед на трендот на забрзан раст, кој е во склад со глобалните развојни тенденции, проекциите за 2019 година се дека индустријата на игри на среќа има потенцијал за експанзија што би значело и дополнителен пораст на приходите во државниот буџет. АСОМ за деновиве најавија и прес-конференција на која ќе го презентираат комплетниот извештај, но ќе излезат и со конструктивни предлози кои сметаат дека е добро да се имплементираат во најавените измени на законското решение.

извор: Makfax

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата