„Анима мунди“: Масовно труење на кучиња во Пехчево, активни се само комуналните служби кои ги закопуваат уште живи

20.02.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
„Анима мунди“: Масовно труење на кучиња во Пехчево, активни се само комуналните служби кои ги закопуваат уште живи

Од здружението за заштита на животните „Анима мунди“ информираат за помор на кучиња во Пехчево, при што, како што велат, комуналните служби со багери ги собираат и закопуваат кучињата додека се уште се живи.

„Одвратни, умоболни слики и снимки денес стигнаа до нас кои без дилема сведочат за масовно и организирано труење на животните во Пехчево. Цел град, животните, но и луѓето, а децата пред се, се изложени на опасност по својот живот од отрови кои сотреа еден куп миленици и животни кои немаат дом“, истакнуваат од здружението.

Од таму велат дека во однос на овој проблем ажурни се само од комуналното претпријатие во градот кое уредно поминува со багери и ги собира мртвите, но и се уште живи животни.

„Бруталност каква што до сега немаме видено, при што живите животни душата си ја испуштаа во челуштите на багерот, фрлани како натрупано ѓубре. Срам ни е што живееме тука, срам ни е што овие слики и снимки допрва ќе ги види целиот свет“, додаваат од „Анима мунди“ од каде во контекст на овие обвинувања, пренесуваат изјава од сопственик на едно од угинатите кучиња.

„Едното куче ми го отруја. Деца сакаа да го погалат, така приметив. Среќа што видов на време, можеа да се затрујат и децата“, изјавил Марјанчо Димитров кој во поморот ја загубил својата Лиска.

Тој е еден од многуте кои со свои очи видел тетеравење кое, како што велат од здружението, најблиску личи до силен епилептичен напад и гушење во повраќаница до смрт.

Од „Анима мунди“ бараат итна полициска истрага во врска со овој случај и најстрога казна за организаторите – нарачателите и спроведувачите на монструозниот чин.

Од таму сметаат дека одговорност треба да преземат и општинската администрација на чело со градоначалникот, Драган Тренчовски, за кого велат дека и во претходен случај на труење на животни, пред околу пет месеци, ветил дека ќе спроведе истрага со цел откривање и санкционирање на сторителот, но без резултати.

извор: Makfax

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата