Попладнево на Арената „Тодор Проески“ во Скопје, со почеток од 14 часот, се игра дербито меѓу Вардар и Работнички, меч на екипите кои оваа пролет имаат по две победи во исто толку мечеви. Веројатно Вардар, според местото на табелата, според формата, квалитетот, е фаворит, но Работнички го има Давид Тошевски, младиот феномен кој на последните неколку натпревари за Работнички, ги сметаме и оние пријателските во Анталија, постојано ги тресе противничките мрежи.

Дали тоа ќе биде битка меѓу Давид (Тошевски) и Голијат (Вардар), останува да се види.

Уф, прекрасно би било и на Вардар да му дадам гол. Не ветувам ништо, но ќе се трудам најмногу што можам и попладнево да се запишам во листата на стрелците. Знаеме дека Вардар е прв на табелата, свесни сме дека се работи за квалитетен тим. Сепак јас и моите соиграчи ќе го дадеме максимумот и со тимска игра, сите заедно, очекувам да дојдеме до поволен резултат на овој натпревар. Штета што се игра без публика“ изјави за СПОРТМЕДИА „бомбардерот“ Давид Тошевски, кој е најголемиот адут на Работнички на дуелот против Вардар.