Вардаровите ракометари за првпат по долго време пред својата публика, денеска (17:45 часот) ќе играат со противник на кого му ја препуштаат улогата на апсолутен фаворит, Монпеље, во последното коло од групната фаза во Лигата на шампионите.

Комплетната ситуација во „црвено-црните“ редови не им дозволува да бидат сигурни во себе и оптимисти дека во СЦ „Јане Сандански“ тие го имаат последниот збор, но остануваат доследни на она дека ќе се борат до крај и ќе дадат се од себе за да стигнат до 5. место во групата Б.

„Се додека имаме шанса ќе се бориме за петтото место. Ќе играме против Монпеље како да е прв и последен пат. Знаеме во каква ситуација сме. Тие што останавме во тимот оддамна веќе не се плашиме од никого. Може да одиграме добро, може да одиграме лошо, но да се плашиме – никогаш! Минавме низ оган, низ вода, бевме добри и лоши, но секогаш сите екипи не респектираа. Тоа е нашата предност. Во секој меч влегуваме за да видиме кој е подобар. Секогаш имаме почит и кон противникот и со малку среќа може да успееме“, смета вардаровото крило Тимур Дибиров.

Како заминувањето на Кристопанс и Атман да не беше доволно, вардарци изминатата недела се мачеа со вироза, поточно Гедбан, Калараш и Горбок, а тоа му создаде дополнителни проблеми на Стевче Алушовски, кој едвај успеваше да направи тренинг.