Војдан Стојановски и Гравелин Данкерк ставија крај на серијата од четири порази и тоа во дуелот со поранешниот тим на македонскиот репрезентативец, По Ортез,

И токму Војдан ја одигра главната улога во мечот, поточно погоди кога беше најпотребно. Тој мина нешто повеќе од 35 минути на паркетот и постигна 11 поени (4/9 за два, 1/5 за три).

По Ортез ја имаше контролата во првото полувреме и на одмор замина со предност од 34:28. Но, Данкерк се врати во третата четвртина (17-13), а слично темпо држеше и во последниот период од средбата, но По Ортез успеја да се доближи на 55:54 на две минути до крајот.

Стојановски остана мирен и постигна погодок за два поени, со кои ја врати покомотната предност на својот тим, која потоа беше претворена во триумф.

Истовремено ова беше и прва победа за новиот тренер Серж Кревекер, кој треба да го спаси тимот, со оглед на тоа дека се бори за опстанок во најсилната француска лига.