Во Штип го оставија без греење, во Лондон и Даблин СТОЕЧКИ ОВАЦИИ ЗА СИМОН ТРПЧЕВСКИ (ФОТО)

27.02.2020
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Во Штип го оставија без греење, во Лондон и Даблин СТОЕЧКИ ОВАЦИИ ЗА СИМОН ТРПЧЕВСКИ (ФОТО)

Македонскиот пијанист од светски глас Симон Трпчески уште еднаш доби стоечки овации и се избори за ласкави критики по настапите во рамките на својата рецитална турнеја во Даблин и Лондон.

По мастер класот што го одржа во ирската престолнина за кој исто така имало голем интерес, Трпчески одржа незаборавен концерт, враќајќи се со целовечерен рецитал во рамките на престижната серија на Националната концертна сала на Даблин.

Критичарот на „Бахтрек“, Ендрју Ларкин, рецензијата под наслов „Вонсериска изведба на Симон Трпчески во Даблин“ ја започнува со „Тој дојде, отсвири и освои“, продолжувајќи дека изведбата била со „беспрекорна елеганција, исполнета со длабока промисленост, а поткрепена со колосална техника, која и не можеше да стори ништо друго освен да ги воодушеви присутните“. На програмата се нашле „помалку познати романтични дела“ од Брамс и Лист, а вториот дел од рециталот им бил посветен на руските композитори (Прокофјев и Мусоргски/Римски-Корсаков). Специјална посвета за одушевената публика во Даблин била изведбата на евровизиската победничка песна „Hold me now” од Џони Логан.

Рециталот во лондонски „Барбикан“ во вторникот беше најавен како настап на „пијанистот со харизма и виртуозност“. Критичарот на „Артс Деск“, Дејвид Најс во насловот го нарекува Трпчески „харизматичен камелеон“, објаснувајќи го епитетот со понуденото изведувачко богатство „лавиринтот на Брамс, блескавиот Лист и Русите кои меланхолијата ја заменуваат со лудило“. Истакнувајќи ја тежината на програмата што за прв пат ја слуша во ваква комбинација, Најс подвлекува дека „еластичноста и слободата на Трпчески Ве водат на непредвидливи патувања, дури и во делата што ги знаете“. Во својата детална рецензија тој прави и извонредна паралела со најновото ЦД на Трпчески „Сказни од Русија“.

Мартовската концертна серија на Трпчески продолжува во Соединетите американски држави, Шпанија, Хрватска и повторно Велика Британија.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата