Раководството на Кошаркарската асоцијација на Италија донесе одлука да ги одложи сите натпревари следниот викенд, заради опасност од ширење на коронавирусот кој го парализира северниот дел на земјата. Според извештаите на медиумите од Апенинскиот Полуостров, одложено е комплетното 22. коло во елитната дивизија, како и дуелите од Серија А2, како и во Серија Б.

Претходно денес, Италијанската фудбалска федерација, заедно со Министерството за здравство, решија натпреварите во Серија А кои се играат во северна Италија, да се играат пред празни трибини. Мерката се однесува на најранливи провинции: Ломбардија, Венето и Пиемонт, но и во областа Фриули-Јулијан (на границата со Словенија), Лигурија и Емилија-Ромања.