Подготви: Марија Ковачева

Македонската кошаркарска репрезентација не успеа да дојде барем до една победа во првиот квалификациски прозорец за пласман на ЕП 2021 година. Нашите момци беа поразени од Естонија на домашен терен и од Русија на гости.

Предводникот, Александар Тодоров два дена по гостувањето во Перм за СПОРТМЕДИА ги пренесе своите размислувања.

*Два порази на стартот на квалификациите за ЕП 2021. Два дена по дуелот со Русија, како гледаш на резултатите?

„Би сакал да имавме две победи и ниту еден пораз. Се надевам дека натпреварот против Естонија нема скапо да не чини во овој цисклус.

Сега се јасни работите, со победа над Естонија од над 10 разлика во Талин, или победа против Италија или Русија на домашен терен ќе обезбедиме пласман на ЕП.

Натпреварот со Русија покажа дека можеме, покажа дека треба бидеме оптимисти до крајот на овие квалификации.

Во ноември ќе продолжиме со подмладувањето, ќе имаме уште поголемо подмладување. Сите знаеме дека подмладување и резултати не одат заедно. Но, исто време сме си поставиле цел дека ќе се пласираме на Европско првенство, така да подмладувањето не треба да биде никаков изговор.

Или ќе се пласираме или јас како селектор ќе поднесам одговорност, но никогаш нема да барам изговор во овој процес, кој мораше да се случи во македонската кошарка“.

*Дали тоа значи дека во ноемврискиот циклус дебитантите ќе добијат поголема минутажа?

„Секако, ќе биде постари една година, ќе мора да понесат дел од одговорноста на теренот“

*Можевме ли подобро? Која беше нашата грешка?

„Да, во тоа прво полувреме против Естонија да одиграме поразлично. За жал и кошаркарски и некошаркарски не го издржавме тоа.

Секако дека има грешка, и јас како селектор сум одговорен за таа грешка не би дискутирал во јавноста се додека имаме шанси да се бориме за овој циклус, кога ќе завршиме ќе излезам со поотворени карти“.

*Дали стоиш на ставот дека Симоновски требаше да добие шанса?

„Уште 60 пати да го правам списокот, тој ќе се најде на тој список. Јас како тренер не ги носам моите решенија на база на фрлање на паричка, туку на база на дневна или неделна анализа, и секогаш тежнеам на идејата да се донсат не најдобрите 12, туку оние 12 кои можат најдобро да функционираат.

Не гледаме само играчки квалитети, важни се карактерот и односот кон националниот грб. Марко е еден од најдобрите кошаркари со карактер кој сум ги тренирал и во моментите кога ни требаше лидерство, тој го даде тоа лидерство.

Тоа што на теренот не можеше да даде 20 поени е нешто за кое јас сум одговорен, бидејќи јас му ја давам таа минутажа. Само можам да кажам дека 100 % како тренер стојам зад Марко и се додека јас сум селектор тој ќе биде дел од репрезентацијата“.

*Дали ова е најдобриот состав во моментов, дали некој од играчите покажа дека не го заслужува местото?

„Не, не се каам, можеби требаше да најдам место меѓу 12-те играчи за Марко Миловановиќ, бидејќи покажа одличен однос за време на тренинзите, но за жал со него уште во декември се договоривме дека ден после мечот со Естонија ќе врати во својот матичен клуб, авионски билет беше издаден. Стојам зад сите оние 12 кои беа во Перм, не гледам причина зошто да се каам“.

*Колку си задоволен од играта на Магдевски?

„Магдевски се повреди на два дена пред дуелот со Естонија, и тоа не беше ни малку наивна повреда на скочниот зглоб, но тој со болки тренираше следниот ден, и под болки настапи со Естонија, а потоа и со болки патуваше за Русија и под болки играше против нив. И се додека имаше сили одлично ја водеше репрезентацијата како плејмејкер.

Јас со Магдевски претходно немам работено, сум имал само еден единствен разговор во животот, кој не заврши на начинот на кој посакував. Како некој со кого првпат тренирам, е едно големо и позитивно изненадување“.

*Кој е следниот чекор?

„Најважно е во јуни да се собереме, да емитираме еден квалификациски „прозорец“. Федерацијата ќе мора да ни обезбеди да одиграме две до три пријателски средби, а претходно да одработиме исто толку тренинзи.

Само на овој начин ќе успееме да одржиме ритам, бидејќи во ноември ќе биде поинаку, ќе имаме пократко време за подготовка“.