Тамара: На Евровизија ќе пеам за мојата ќерка

19.02.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Тамара: На Евровизија ќе пеам за мојата ќерка

Тамара Тодевска е овогодинешниот наш претставник на Евровизија.

Таа се огласи на својот Фејсбук профил, каде со своите фанови сподели како ја прифатила поканата за да ја претставува нашата земја, но и за кого ќе пее, односно на кого му ја посветува песната.

Во продолжение прочитајте ја нејзината емотивна објава.

„Пред еден месец, кога добив покана да ја претставувам мојата земја на Изборот за песна на Евровизија во Тел Авив (покрај моето ентузијастично и радосно ,,Да!”), првото нешто што ми падна на ум беше: „Која ќе биде целта на моето учество на натпреварот? Што е тоа што сакам да го кажам? Што е тоа што сакам да го споделам со светот?“

За мене учеството на Евровизија никогаш не било да се влезе во финале, да се биде меѓу првите 10 или да се победи. Евровизија за мене отсекогаш била многу повеќе од тоа.

За мене Евровизија отсекогаш претставувала прифаќање на различното, пркосење на правилата и прифаќање на себеси, баш онаков каков што си. Евровизија е таа една вечер во годината кога публиката во целиот континент се собира на едно место за да ја прослави посебноста, храброста и вербата во себе! Тоа е местото кадешто да се биде различен значи да се биде ГОРД на себеси.

Јас сум мајка на две деца, имам тригодишна ќерка и тримесечен син. Знам дека звучи како клише, но тие навистина го променија мојот живот и јас како мајка и како родител чувствувам дека е моја и наша обврска да донесеме позитивни промени во животите на нашите деца.

Целиот мој живот ми кажуваа дека не се однесувам женствено, дека не сум доволно добра, дека се движам и се однесувам како машко. Наведни ја главата, облечи нешто секси и на никој нема да му биде гајле што зборуваш, ми велеа. За нив јас бев само уште една изгубена девојка.

Денес, кога ќе ја погледнам ќерка ми, сакам да има можност да расне во свет во кој никој нема да ѝ суди, нема да ѝ кажува како да се однесува, како да постапува или како да се движи. Сакам да знае дека не мора да ги следи правилата за да биде прифатена. Сакам да биде онаква каква што таа сака да биде и најважно, да биде горда на себе. Тоа е најмалку што можам да направам за неа.

Затоа, на 16-ти мај, ќе пеам за мојата ќерка. Ќе пеам за сите на кои им било кажано да ги наведнат главите и да ги следат правилата. На 16-ти мај, ќе ги прекршиме правилата и барем една вечер во годината ќе му кажеме на светот дека СЕ ГОРДЕАМ СО СЕБЕ е секогаш посилно од нивното НИКОГАШ НЕМА ДА БИДЕШ ДОВОЛНО ДОБАР/А!

СЕКОГАШ ќе бидете доволно добри“-напиша Тамара!

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата