Пишува: Зоран Ѓоршоски

По цели два месеци долга зимска пауза, конечно наш, домашен, прволигашки фудбал на „програмата“ вчера и завчера. И имаше што да се види, јасно е дека екипите се уште се „тешки“ од зимските подготовки, но имаме веќе некои показатели.  Како прво битката за титулата ќе биде „жешка“. Шампионот нема намера така лесно да се предаде иако има минус осум бодови. 

Вардар победи, но и Шкендија победи. Вардарци на скопското дерби покажаа победнички менталитет, и кога не играат спектакуларно тие знае да освојат три бода, притоа играјќи без најдобриот, без Даниел Аврамовски, додека Али Адем влезе во финшишот. Македонија ЃП можеби и самата си е виновна, не играше така лошо, но правеше премногу индивидуални грешки, а против Вардар тоа не смееш.

Шкендија ја „освои“ Струмица. Очекувавме многу подобро дерби на колото, но катастрофалниот терен на стадионот “Благој Истатов“ тоа не го дозволи.Не треба многу филозофија, оваа Шкендина веројатно по квалитет и имиња е најслабата во изминатите 3-4 години, но ако ги имаш во своите редови Агим и Бесарт, Алими, Радески, Захов, Мурати…, тогаш битката за титулата сама по себе се наметнува.

„РОМАНТИЧАРИТЕ“ И СЕ ОДМАЗДИЈА НА СТРУГА, СИЛНИОТ СИЛЕКС

Во Работнички сега и дефинитивно полесно се дише. Освоени се големи, големи три бода на тешкото гостување во Струга, на теренот каде есеноска паѓаа и Шкендија и Вардар, па и Работнички. Ова беше слатка одмазда на „романтичарите“ за двата есенски порази. Работнички сега е само на два бода од осмото место, а има уште многу до крајот, уште 17 кола. Но ова е некој нов Работнички под водство на Ратко Достаниќ.

Не е никакво изненадување триумфот на Силекс во Тетово. Дури беше и очекуван, и тоа поради супер формата на кратовци на пријателските мечеви зимава. Очигледно е дека тренерот Горан Симов си ја знае работата. Силекс победи со 1:0, но имаше и пенал, му беше поништен и гол. Ренова пак ќе си има проблеми,  и тоа големи. 

На Чаир пак „шверцерите“ трепера се до финишот. Нивниот Шкупи имаше иницијатива, но немаше гол, па немаше, и така се до 80.минута кога конечно капитенот Бајрами погоди, нешто подоцна и Исени реализира за 2:0. Освоени се екстра значајни три бода. Велешани се добро направија, но се повтори истата приказна од есеноска, а тоа е пораз на крајот, бадијала сета борба и напор во текот на целиот меч кога на крајот ќе загубиш.