Вардар уште еднаш испрати силна порака. Европскиот првак, македонската гордост…никогаш не треба да се потцени, ниту тогаш кога ги минува најтешките денови.

Пред дуелот со Мотор Запорожје ретко кој веруваше дека овој состав на „црвено-црните“ без Летонецот, Данис Кристопанс, па и без Павел Атман, како и оние бројни, но непотврдени заминувања поради финансиските проблеми, ќе успее да одигра еден неверојатен меч.

Капитенот Стојанче Стоилов заедно со своите момци се исправија, најдоа мотив како и секогаш, не дозволија името на Вардар така лесно да се „испрља“, на теренот беа подоминантни од онаа прва средба оваа сезона во ЛШ која ја добија „тесно“.

„Летаа голови„, „летаа асистенции“…публиката уживаше во секоја минута.

Младиот Марко Кизиќ покажа дека има дрскост, има храброст да застане на мрежата на европскиот првак и да одговори како голман со големо искуство.

Сташ Скубе пак само даде до знаење што му значи овој Вардар и зошто до последно чека да види како ќе се одвива ситуацијата.

Не смее да се заборави ниту Чупиќ, Стоилов, Калраш, Шишкарев…Во сета позитивна атмосфера се вклопи и Де Толедо одлично се покажа пред најверните фанови, кои дојдоа во добро и во зло да ги поддржат своите фанови.

На крајот Вардар стави печат на осминафиналето, единствена непознаница е на кое место на табелата ќе заврши.