По нешто повеќе од два месеци одмор, денеска со мечот Вардар – Македонија ЃП од 19.коло стартува пролетната полусезона во ПМФЛ. Полусезона во која Вардар како лидер влегува со 8 бодови предност пред Шкендија, и со голема шанса да дојде до својата единаесета „ѕвездичка“. Сепак и покрај се, нема да им  биде лесно на тренерот Александар Васоски и неговиот состав. Секој кикс, секое губење на бодовите ќе значи и давање шанса на Шкендија да ја минусира таа предност.

Од друга страна секако дека многу работи ќе зависат и од Вардар. Ако лидерот во првите две кола, со Македонија ЃП и со Борец во Велес, успее да дојде до максималните шест бодови, тогаш се чини дека ќе ја „олади“ малку и Шкендија. Тетовци колку и да се силни, барем на хартија, тешко дека ќе дојдат до шест бодови во првите два меча, и тоа на гостувањето кај Академија Пандев утре и во Кратово кај Силекс наредното коло.

Денеска на Арената “Тодор Проески“ Вардар и Македонија ЃП, со почеток во 14 часот, го отвараат пролетниот дел на 28 шампионат. По долга, долга пауза овие две екипи ќе играат на Арената, убав момент и за фановите да дојдат во што поголем број и да го следат скопското дерби.