Денес се чествува Светата маченичка Татјана

25.01.2020
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Денес се чествува Светата маченичка Татјана

Според календарот на МПЦ, кој се води по стар стил, 25-ти е 12-ти јануари. Православните верници го обележуваат денот на Св. маченица Татјана Римјанка, од угледни родители. Христијанка и ѓакониса на Црквата. По смртта на царот Хелиогабал во Рим царуваше царот Александар, чија мајка Мамеја беше христијанка. Самиот цар беше колеблив и неодлучен во верата; заради ова во дворецот држеше статуа на Христос и статуи на Аполон, на Авраам и на Орфеј.

Неговите доглавници ги гонеа христијаните и без царска наредба. Кога ја изведоа девицата Татијана на мачење, таа Му се молеше на Бога за своите мачители. И ете, ним им се отворија очите и видоа околу маченичката четири ангели.

Кога го видоа тоа, осуммина од нив поверуваа во Христа, заради што и самите беа мачени и убиени.

Света Татијана продолжија да ја мачат: ја биеја, и отсекуваа месо, ја стружеа со железо и целата накажана и ранета ја фрлија вечерта во затворот за утредента повторно да ја удрат на маки.

Но Бог ги испрати Своите ангели во затворот за да ја охрабрат и да и ги исцелат раните, па Татијана изутрина се јави пред мачителите наполно здрава. Ја фрлија пред лав, но лавот се умилкуваше околу неа и воопшто не и наштети.

И ја отсекоа косата, мислејќи според нивниот незнабожечки ум дека во косата и е скриена некоја магија или волшебна сила.

Најпосле ја изведоа заедно со татко и’ и обајцата ги убија со меч. Така во 225 година го заврши животот оваа славна девица со тело на жена, а дух мажествен.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата