Висенте Дел Боске, легендарниот шпански стратег, имаше предавање во Скопје на Универзитетот ФОН каде што ги искажа своите животни искуства.

Меѓудругото, беше прашан за отказот од Реал Мадрид, при што откри дека после тоа, никогаш не прозборел со претседателот на „Кралевите“, Флорентино Перез.

„Фудбалот треба да се сака од срце, и да се ужива во него. Не смеат поразите да создаваат болка и да бидат пречка да застанете во развојот како тренер и како личност. После освоената ЛШ и домашното првенство, ми беше тешко, но на ваков среќен ден би разговарал за поведри теми. После отказот, никогаш не прозборев со претседателот Перез, и немам добри односи“, рече Дел Боске.

Кога беше селектор, имал проблеми поради политичката ситуација во Каталонија.

„Во Шпанија секогаш имате добри играчи кои доаѓаат од Реал и од Барселона. Имавме проблеми предизвикани од ситуацијата во Каталонија, но никогаш внатре во соблекувалната“, изјави легендарниот шпански тренер.