Македонија одамна го заврши својот настап на Европското првенство кое влегува во завршницата. Нашите момци не успеаја да обезбедат пласман во главната рунда, со една победа и два порази се збогуваа со овој евро-шампионат.

И по завршување на втората фаза, дел од репрезентативците високо котираат во индивидуалната статистика.

Филип Талески и натаму го држи првото место во категоријата најбрз шут. Тој упати удар со брзина од 141 километар на час, по бројните одиграни натпревари никој не успеа да го стигне.

Кога сме кај брзината, Мартин Поповски е вториот најдобар спринтер на ова натпреварување. Членот на Тинекс Пролет истчал со брзина од 31 километар на час. Во негово друштво со исто остварување се уште 13 ракометари. Лидер е Толбрин од Шведска.

Капитенот на македонската репрезентација, Кирил Лазаров пак го има вториот највисок скок. Нашиот „бомбардер“ скокна 74 сантиметри, а друштво му прават уште 17 играчи. Еден сантиметар повеќе од Лазаров скокна Португалецот, Мартинс.

Кога сме кај голманите во две категории високо котира и Борко Ристовски. Тој е на четвртото место по одбраните удари од седум метри. Од пет упатени удари кон мрежата на Македонија додека на голот бил Ристовски, два од нив успеал да ги одбрани.

Искусниот чувар на мрежата е на истата позиција и по најсилно одбраните шутеви. Борко успеал да одбрани удар од 135 километри на час.

Денеска ЕХФ и официјално ги потврдите пласманите на оние репрезентации кои одамна го завршија својот настап, Македонија е на 15-то место.