Стевче Алушовски попладнево треба да го има своето деби на клупата на европскиот првак Вардар во пријателски меч од затворен (тренинг) тип, против својот екс-тим Еурофарм Пелистер во Скопје, а стратегот на „црвено-црните“ има главоболки со голманите.

Единствено најмладиот голман Васил Гогов е фит и подготвен за игра. Првиот голман Калифа Гедбан има репрезентативни обврски со Алжир и тој дури на крајот на месецот ќе дојде во Скопје, Артурс Кугис има проблем со скочниот зглоб кој го „влече“ уште од првиот дел од сезоната и поради настапот на Летонија на ЕП немаше простор соодветно да се рехабилитира, додека Марко Кизиќ и натаму заздравува од вироза.

Со оглед на тоа дека станува збор за пријателски меч нема да биде ништо чудно доколку Алушовски се одлучи да му даде шанса на Гогов меѓу диреците како прв голман.

Вардар првиот меч во вториот дел од сезоната го игра на 5 февруари на гости кај Кил, во рамките од групната фаза од Лигата на шампионите.