Поранешниот фудбалер на Вардар, кој малку беше и во таборот на Шкендија, Хуан Фелипе ќе ја продолжи кариерата во својата родна земја Бразил, откако потпиша договор со тимот на Бангу.

„Му благодарам на Бог што ми даде уште една шанса да работам во мојот Бразил. Благодарам на мојата агенција за добрата работа, и на Бангу што ми ги отвори вратите на моето враќање во бразилскиот фудбал“, напиша на Фејсбук Фелипе.

Ова ќе му биде прв пат на Фелипе да игра во овој тим, откако во минатото беше дел од Сантос, Ред Бул Бразил, Ориенте и Сао Карлос. Потоа преку ЦСКА Софија дојде во Вардар и остави неизбришлива трага во тимот на „црвено-црните“ од Скопје.

Тој беше дел од онаа историска генерација која обезбеди палсман во групите во Лигата на Европа. Сепак, поголем дел од навивачите на Вардар тешко дека ќе му го простат трансферот во Шкендија, особено изјавата „Дојдов во најдобриот клуб“. Во Шкендија се задржа многу кратко, само три месеци, одигра само неколку меча и го напушти актуелниот првак на нашата земја.