Манчестер Јунајтед од великан се претвори во просечен англиски тим. „Црвените ѓаволи“ дури станаа предмет на шеги поради се почестите несфатливи порази како вечерашниот на домашен терен од Барнли.

Шлаканица за славниот клуб од „Олд Трафорд“ вечерва што е всушност осми пораз после 24 одиграни кола. Барнли ја впиша првата победа на теренот на Манчестер Јунајтед после 1962 година, а прва воопшто во ерата на Премиер лигата. Вечерва си замина со победа од 2:0.

Крис Вуд го отвори резулатот со голот во 39. минута, а на почетокот на второто полувреме Родригез со прекрасен шут ја заби топката под пречката на голманот Де Геа.

Ни тренерот Оле Гунар Солскјер, ни играчите на Јунајтед немаа идеја како да се вратат во игра. Како за утеха ќе им бидат 22 шутеви кон противничкиот гол (иако само шест во рамките) но сето тоа не се памти, туку се памти што тимот изгубил од Барнли (кој патем имаше два прецизни удари кон голот) и тоа дома.

Во другите средби Лестер го победи Вест Хем 4:1, а Тотенхем со 2:1 го совлада Норвич. Утре колото го затвараат Вулверхемптон и Ливерпул.

Standings provided by Sofascore LiveScore