Судијката што ѝ го одзеде синот на Северина добила подароци од 330 000 евра 

22.01.2020
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Судијката што ѝ го одзеде синот на Северина добила подароци од 330 000 евра 

Судијката Теа Голуб, која пресуди синот на Северина Вучковиќ да живее со неговиот татко, Милан Поповиќ, се нашла во центарот на скандалот кога се открило дека била на луксузен одмор во истиот хотел во кој бил српскиот бизнисмен.

Откако почнало да се поставува прашањето  од каде ѝ се парите за седумдневно зимување кое чини колку две нејзини плати, таа ја дала на увид својата имотна карта.

Со плата во Општинскиот граѓански суд во Загреб од околу 1.700 евра, таа поседува импозантен имот. Меѓутоа тоа не го стекнала, туку го добила како подарок, тврди таа.

Во имотната карта на Теа Голуб стои дека поседува стан од 103 квадратни метри во Загреб, вреден 200.000 евра и гаража од 19 квадратни метри, вредна речиси 23.000. За двете недвижнини таа изјавила дека ги добила како подарок. За подарок добила часовник од 4.000 евра и друг накит од 5.500 евра. Во две банки, напишала таа, има вкупна заштеда од 98.000 евра. И тоа го навела како подарок.

Многу поголем имот поседува сопругот на Теа Голуб, но не го навела  ниту неговото име ниту неговиот бизнис. Според она што судијката го напишала во имотната карта, тој е косопственик на нива и куќа во вредност од 10.000 евра, куќа од 361 квадратни метри во Загреб, вредна 340.000 евра.

Под рубриката „извор на стекнување имот“ се наведува приход од несамостојна работа, кредит и подарок. Партнерот на судијката исто така има колекција часовници од 20.000 евра, кои тој самиот ги купил, како и виолина од 6.700 евра што ја добил. Тој исто така поседува акции во три трговски и инвестициски фондови.

Хрватските медиуми тврдат дека Теа Голуб и нејзиниот сопруг не би можеле да го стекнат тој имот со платите што ги добиваат.

извор: Makfax

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата