Прв случај на мистериозниот вирус во САД

21.01.2020
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Прв случај на мистериозниот вирус во САД

Официјални лица од здравствените власти го потврдија првиот случај на мистериозниот корона вирус во САД, кој уби шест луѓе во Кина, а стотици се заболени.

Портпаролот на Белата куќа одбил да даде коментар и ги упатил новинарите до Центарот за контрола и спречување болести (ЦДЦ). Си-ен-би-си објави дека и од таму не добиле одговор.

„Ројтерс“ објави дека кај патник од Кина во Сиетл бил дијагноситициран вирусот. Официјална потврда за случајот се очекува попладнево на брифинг во ЦДЦ, пренесе Си-ен-ен.

Освен во Кина, заболени од вирусот има во Тајланд, Јужна Кореја, Јапонија и Тајван.

Светската здравствена организација (СЗО) утре ќе одржи состанок со експерти за да разгледаат дали вирусот е глобален здравствен итен случај и дали треба да биде прогласена вонредна состојба.

Последен пат СЗО прогласи глобален здравствен итен случај во 2019 година поради еболата во источен Конго, од која починаа над 2.000 луѓе. Вонредна состојба беше прогласена и за вирусот Зика во 2016 година, за свинскиот грип „Х1Н1“ во 2009 година и за појавата на детска парализа и ебола во 2014 година.

Кинеските власти велат дека многу од пациентите со новата болест дошле во контакт со пазарите со морска храна, посочувајќи дека вирусот се шири од животни на луѓе. Сепак, здравствените власти велат дека вирусот се пренел и од човек на човек преку блиски контакти.

ЦДЦ соопшти дека луѓето можат да се заштитат од вирусот со миење на рацете со сапун и вода, да избегнуваат допирање на очите, носот или устата и да се држат настрана од болни луѓе. Многу луѓе во Кина купиле маски за лице за да се заштитат од вирусот.

извор: Makfax

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата