Сандер Сагосен е единствениот ракометар кој може да го урне рекордот на Кирил Лазаров по бројот на постигнати голови на едно Европско првенство. Ракометарот на Норвешка по шест одиграни натпревари има постигнато 51 гол, десет помалку од остварување на капитенот на македонската репрезентација од 2012 година.

На тој евро-шампионат Лазаров стигна до бројката од 61 погодок во седум одиграни натпревари. Осум години подоцна Сагосен е најблизу да стигне македонскиот „бомбардер“.

Норвешка до крајот ќе одигра уште три меча, еден од главната рунда и уште два во битката за титулата. Според она што до сега го прикажува близу е да испише нов рекорд.

Македонија ова Европско првенство го заврши во групната фаза, Лазаров вкупно на сите три натпревари постигна 22 гола.