Македонија не успеа да ги оправда очекувањата, не успеа на ова ЕП 2020 да се пласира во втората фаза. Зошто? Кои беа причините? Еве сега кога минаа три дена од мечот со Австрија, свој став има нашиот стручен коментатор Ристо Магдинчев, еден од нашите најпознати и најценети ракоментни стручњаци кој за ова ЕП е специјален стручен коментатор на СПОРТМЕДИА.

„Секако дека и јас сум разочаран, очекував повеќе. Но да тргнеме со ред. Имено амбициите и прогнозите пред почетокот на ова ЕП, беа пласман во вториот круг. И тоа врз база на групата, која беше најлесна, група за мерак, нели? Потоа од изјавите од типот дека сме благи фаворити.  Амбициите беа и афирмација на неколку играчи, посебно на Талески, Кузмановски, Танкоски. Потоа изјавите дека сме подготвени, дека подготовките во целост биле успешни. Јас лично, а и јавноста, верував дека имаме шанси и можности да одиме понатаму. Јас кажав и претходно, а сега ќе повторам. Во составот имавме шест играчи со европски вредности, тоа се Лазаров, Манасков, Ристовски, Митревски, Георгиевски и Стоилов, и кога на нив ќе ги додадеме Талески, Кузмановски и останатите, тоа дава слика на една квалитетна репрезентација. Која што во таа група може да направи чекор и да влезе во втората фаза“ потсетува Магдинчев.

ШТО НАВИСТИНА СЕ СЛУЧИ СО МАКЕДОНИЈА?

„Е сега што навистина видовме? Како прво физички неподготвена репрезентација, техничко – тактички неподготвена, неубедлива. Видовме слаба реализација, зона 5-1 која не функционира, освен во првиот дел со Чешка. Тука Талески сосема погрешно одеше кон играч, со тоа се создаваше голема дупка кон средината, од каде што ги примивме 90% од головите. Голманите неубедливи, освен оној настап на Митревски со Украина. Нападот неорганизиран, немаше класично одвлекување, вкрстување, немаше течност во играта. На два меча Манасков беше статист, немаше топка до него, се се собираше околу Кире. Е сега кога ќе видиме дека Кире има постигнато 23 голови, а останатите сите три бека имаат 13, тоа кажува многу нешта. И сега видовме дека само Кире е тој што шутира, асистира, пенали изведува, останатите се статисти. Место да го искористат фактот дека на Кире одеа по два играчи, Талески и Кузмановски тоа не го користеа. Ако го тргнеме Кире, ние немаме три шута од девет метри. За 180 минути само два или три шута од девет метри. Е па како може да ја разбиеш зоната? Имавме премногу загубени топки, потоа неборбеноста што најмногу чуди, да се нема мотив и тоа посебно на мечот со Австрија. Да дозволиш така да те надиграат, а да ти не одговориш, па макар малку и со острина, со „тепање“ што се вели. Ние немавме дуел игра, и кога немаш такво нешто во таа 5-1 зона, која е разретчена зона, ти паѓаш. Затоа велам дека само првите 30 минути со Чешка беше реперот како тоа требаше Македонија да игра на ова ЕП. Конечно, Талески – Кузмановски, ни еден сантиметар не напреднале во однос на својот настап пред една година на СП. Тие имаат во главата само две решенија, да шутнам или да додадам. А каде е да направи финта, каде да заобиколи играч, каде е да повлече двајца, па да додаде до крилото или пикерот. Тие на жалост ја прифатија улогата само да се додавачи на Кире. Штета. Тие не прифатија да решаваат, туку прифатија само да асистираат. И сега кога имаш такви бекови, тогаш отсечени ќе бидат и крилата и пикерите“.

БРЕСТОВАЦ МОРАШЕ ДА БИДЕ ПОАКТИВЕН ПОКРАЈ АУТ-ЛИНИЈАТА

„Во однос на селекторот Данило Брестовац треба да се направи длабока анализа. Сеуште се свежи настаните, треба малку време да помине. Па врз база на таа длабока анализа треба да се види што и како со селекторот. Дека имаше грешки, имаше. Меѓутоа дали тие грешки беа решавачки, е тоа ќе покаже анализата. По мене селекторот треба да остане и да продолжи со работата. Репрезентација се гради од 4 до 6 години. Брестовац кога беше избран за селектор доби поддршка од сите, иако сите знаевме дека нема преголемо искуство. Е сега мора Брестовац да се заштити и да продолжи со работа. Мора да кажам дека мене не ми се допадна неговата пасивност на клупата, покрај аут-линијата. Данило мораше да покаже повеќе енергија, па и нервоза ако треба. Требаше и да се развика, на било кого, мора да ја сврти работата, да ги сврти настаните на теренот во своја корист. Она што Кире ќе се развика кон помладите тоа не е ништо лошо, тоа е и убаво. Мора да има тензија. Затоа велам дека Данило мораше да биде поактивен на линија, да ги „разбуди“, да им вика, да им се дере ако треба. Истиот проблем го има и Алушевски, еве совет од мене кон двајцата дека така не се води една екипа, една репрезентација. Мора поголема енергија да вложи тренерот, селекторот. Да кажам, еве како уште еден совет, дека Кузмановски е типичен лев бек, а не плејмејкер. Крај на приказната. Нема преглед на игра, тој е „машина за голови“. Ние имаме проблем на таа централна позиција, и мора да се пронајде квалитет на тоа место. Јас лично сметам дека треба на Данило да му се даде подршка. Малку ме чуди што после ова ЕП никој од неговите некогашни соиграчи во репрезентацијата, неговите некогашни колеги, не му даде некоја позначајна поддршка. Еве, од Металург јавно треба да искочат и да кажат – „чекајте малку, Брестовац мора да добие поддршка“. Така тоа сега се прави во Франција, Динар никој не го обвинува, ама сите нивни поранешни ѕвезди застанаа зад него“.

КИРЕ Е СВЕТСКА ВЕЛИЧИНА…

„Кире Лазаров уште игра на високо ниво. Може да зборат што сакаат, меѓутоа дека е играч, е играч, тој е светска величина. Дека е квалитет, е квалитет. Никој не може да го спори. До последен атом од својата сила тој се бори за репрезентацијата.  Овј резултат не треба да се сфати како крај на светот. Кај нас постојано е истата шема, еуфорија пред првенството, а потоа плукање. Мене ми смета нешто друго. Медиумите и новинарите да критикувате тоа е во ред, тоа е ваша работа. Но не треба да има навреди, тоа е ненормално и тоа од квази стручњаци, од јавноста. Уште малку ќе има повик на линч. Па добро бе, што да прават во Франција и Данска? Па сега испадна и на политичка база, навистина жалосно. Глупости. На пример Борко тоа не го заслужува, тоа е срамотно што му се прави. Бил за едните! Па еве Мојсоски е за другите. Не смееме да се делиме политички во ракометот. Тоа се глупости невидени. Ова мора да престане веднаш, не смее да има такви „бљувотини“ кон играчите, кон селекторот, па тие најмногу посакуваа добар резултат“.

НЕУСПЕХ ДА, НО НЕ Е КАТАСТРОФА,НИКАКОВ РЕЗ

„Е сега како резиме можам да го кажам следното. Неуспех да, но не е катастрофа. После прикажаното заслужено не сме во втората фаза, и во овој момент тоа е нашиот домет. Ова ЕП ни го покажа тоа и не можеме да бегаме од тој факт. Дали треба рез? Не, никако. Ова е најдоброто што го имаме во моментов. Затоа на оваа селекција и треба поддршка. Никој не смее да си оди, ни Борко, ни Кире, никој. Ние треба уште да извлечеме од овие ракометари. Ние многу лесно се откажавме од Миркуловски, па еве сега се гледаат последиците на тоа место среден бек. Па и од Мојсоски. Во иднина треба пеколно и вистинско тренирање, индивидуални тренинзи, а не импровизација. Потребно е околу репрезентацијата да бидат стручни лица. Како на пример во стручните штабови на останатите селекции“

АХ, ТОЈ НАШ МЕНТАЛИТЕТ

„Менталитетот. Нашиот менталитет е виновен за тоа што се случуваше на решавачкиот меч со Австрија. Ние толку се трошиме еуфорично кога ќе победиме, истото тоа го правиме и кога ќе загубиме.Тоа не смее да се прави на едно ЕП или СП кога имаш натпревар секој ден или секој втор ден. Ние одиме од крајност во крајност. Кога во селекцијата ќе ги имаш и Миркуловски и Мојсоски, тоа  е нешто друго. Овие младиве, условно кажано млади, немаат самодоверба. Така не се станува голем играч, без разлика на талентот што го поседуваат. Сакам да го кажам следното, а тоа е секоја чест на сите оние фанови кои одат и ја бодрат Македонија на големите натпреварувања. Се создаде една група од најмалку 2.000-3.000 гледачи кои одат секаде, без разлика каде се игра. А „вината“ за тоа е тој континуитет на настапи на нашата репрезентација. Си знаат луѓето дека во јануари Македонија ќе игра на ЕП или СП и тогаш земаат одмори и слободни денови и одат да навиваат за Македонија. Тоа е прекрасно нешто. Луѓето се повеќе го засакуваат ракометот, спорт кој подолго време е спорт број 1 во Македонија. Спорт кој нас ни „лежи““.

ОДЛИЧНИ ШПАНИЈА, ПОРТУГАЛИЈА, ХРВАТСКА, НОРВЕШКА…

„Во првиот дел имаше две големи изненадувања, а тоа се елиминацијата на Франција и Данска. Според мене мало изненадување е, и елиминацијата на Македонија. Останатото што се случуваше е реално. Најмногу покажаа Шпанија, Хрватска и Норвешка со својот континуитет. Одличен напредок има Португалија, Словенија, Унгарија и Австрија. Посебно Португалија, па видовте вчера што се случи на мечот со Шведска во втората фаза. Потфрлија Шведска и Германија, но затоа Германците во втората фаза во првиот меч беа одлични. Досега на ова ЕП нема ѕвезда, нема некој што се издвојува како што на времето се појавија Сагосен, Карабатиќ, и искрено јас не видов некоја иновација во ракометната игра, нешто ново“ заврши со својата анализа Ристо Магдинчев.