Нашиот најдобар фудбалер Горан Пандев за италијански „Скај спортс“ изјави дека на крајот на сезоната ќе каже збогум на професионалното играње на фудбал и мирно ќе си ги закачи копачките на клинец. Во јули тој ќе дувне 37 свеќички и вели дека неговата мисија сезонава е јасна.

Размислувам на крајот на сезоната да се пензионирам од фудбалот. Но пред тоа сакам да исполнам две работи, да и помогнам на Џенова да го обезбеди опстанокот и македонската репрезентација да се квалификува на Европското првенство преку Лигата на нациите“, изјави Пандев.

Токму опстанок со Џенова е мојa желба сезонава пред да кажам ’крај’. Знам дека сме во тешка ситуација, но можеме да се извлечеме. Има уште неколку натпревари кои ни се важни и на кои сметаме бодови, сепак, тоа треба да го направиме на терен. Мислам дека до нас играчите е. Сменивме многу тренери во изминатите години и тоа не донесе ништо ново. Ние играчите мораме да бидеме поодговорни. Мораме да ги свртиме работите затоа што лошо ни се пишува.  Нормално е дека се плашиме, но ќе се бориме до крај да не испаднеме“, додаде „Гранде Пандев“.