Двојниот олимписки шампион Матијас Маер од Австрија триумфираше во втората алпска комбинација сезонава во Светскиот куп што денеска се одржа во швајцарскиот зимски центар Венген.

29-годишниот Австриец, кој е олимписки шампион во супервелеслаломот од Пјонгчанг 2018 и спустот во Сочи 2014, трумфираше со вкупно време 2:32.45 минути. Тој беше најбрз во спустот 1:41.40 минути, а потоа имаше четврто време во слаломот 51.05 секунди.

Маер ја запиша втората победа сезонава и седма во кариерата во Светскиот куп.

Двајца Французи се качија на подиумот. Втор со седум стотинки заостанување заврши Алекси Пентиро, кој триумфираше во првата алпска комбинација сезонава, а трет со 67 стотинки задоцнување заврши Виктор Мофа-Жанде.

Во севкупниот поредок во Светскиот куп води Пентиро со 613 поени, пред Кристоферсен од Норвешка со 611 бодови, а трет е Амонд Килде со 551 бод.