Главната фаза од ЕХФ ЕУРО 2020 во групата два во Малме започнува денеска, а асистентот тренер на Унгарија, славниот Шпанец Чема Родригез имаше и тоа како инспиративен говор во соблекувалната во пресрет на главните дуели кои водат кон битка за медал на ЕП.

Унгарија прелиминарната рунда ја заврши со две победи (Исланд и Русија), а со реми против Данска и како лидер во групата Е влезе во следната фаза.

„Сакав да одам дома да бидам со семејството, но сега морам да останам со вас момци уште една недела. Не знам што да и кажам. Ова е неверојатно. Ќе го паметите овој момент до крајот на животот. Ова ви го кажувам затоа што сум стар. Долго време сум во ракометот и вакви работи не се случуваат често. Она што го имате тука (тимот) е многу тешко да се најде. Вие го имате тоа и затоа сте таму каде што сме денеска. Паметете го овој момент, секогаш. Ви благодарам! Ви благодарам што ми дозволивте да останам тука со вас. Ви благодарам на сите.“