Разочарана и со неисполнета мисија машката ракометна репрезентација на Македонија попладнево ќе ја напушти Виена. Првпат по ЕП 1998 Македонија не обезбедува пласман во главната фаза од еден континентален собир.

Желбите и надежите се едно, но реалноста на теренот сосем друго…

„По неколку првенства на кои бевме редовни патници во вториот круг, еве сега завршуваме во групната фаза… Не знам на што се должи тоа, треба да анализираме. Не го обезбедивме она што го сакавме, потајно се надевавме и на олимписки квалификации…

Не знам што да искоментирам особено по меч како овој со Австрија, кој за нас беше да се биде или не, а ние го одигравме со многу грч во одбраната, безидејно во нападот, лесно примавме голови, без контакт, без жар и агресивност… со Чешка, пак, одлучи една топка и сега сме таму каде што сме“ – заклучува голманот Никола Митревски.