Kостадинов: Поради опструкции заглавени се голем број предмети против кадри на ВМРО-ДПМНЕ на локално ниво

14.01.2020
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Kостадинов: Поради опструкции заглавени се голем број предмети против кадри на ВМРО-ДПМНЕ на локално ниво

Портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов информираше дека досега се поднесени 300 кривични пријави против кадри на ВМРО-ДПМНЕ на локално ниво, од кои голем дел се заглавени во судско-обвинителските лавиринти поради опструкции.

„По демократските промени, на локално, општинско ниво од страна на градоначалници, општини и други надлежни институции до денес поднесени се речиси 300 кривични пријави против поранешни градоначалници, претседавачи на совети и раководители на локално ниво, кадри на режимската ВМРО-ДПМНЕ. Од 300 кривични пријави, досега се процесирани 129 кривични пред надлежни судови. Но, опструкциите на последните остатоци на заробената држава во судството и обвинителството, многу предмети ги чуваат заглавени во судско-обвинителските лавиринти“, рече Костадинов.

Тој обвини дека структурите од, како што кажа, сваровски судството ја опструираат правдата на секое ниво. Ова е само уште еден доказ за потребата од прочистување и темелни реформи во правосудството, рече Костадинов.

Тој порача до надлежните обвинителства и судови дека мора да ја зголемат својата ефикасност и да постапуваат по отворените предмети. Ова е важно, вели портпаролот на СДСМ, затоа што се работи за висока корупција каде се инволвирани носители на јавни функции.

„Процесите мора да добијат правен епилог, правдата мора да биде задоволена, а секој оној за кој ќе се докаже дека сторил криминал, да одговара. Нам ни треба судство кое ќе испорачува правда, а нема да застарува дела и да ја попречува правдата. Бројот на поднесени и процесирани кривични пријави го покажува степенот на криминал во ВМРО-ДПМНЕ на локално ниво. Истовремено, покажува дека нема разлика помеѓу ВМРО-ДПМНЕ на Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ на Христијан Мицкоски. Нема разлика помеѓу ВМРО-ДПМНЕ на централно и ВМРО-ДПМНЕ на локално ниво. Тоа е истата режимска, криминална матрица која нуди само одбрана на криминалот и која уште еднаш мора да биде поразена“, рече Костадинов.

извор: Makfax

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата