Златарата во Прилеп ја ограбиле тројца Срби

12.02.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Златарата во Прилеп ја ограбиле тројца Срби

Секторот за внатрешни работи Битола до ОЈО Прилеп поднесе кривична пријава против тројца српски државјани поради сомнение за кривично дело „разбојништво“, односно истите се товарат дека ја ограбиле златарата во старата градска чаршија во Прилеп. Покрај тоа, кривични се поднесени и против двајца прилепчани за кои полицијата се сомнева дека го помогнале разбојништвото.

Како што информираат од МВР, во утринските часови на 25 декември минатата година, додека вработена во златарата „Буба Мара“, лоцирана во старата прилепска чаршија, го поставувала излогот, 35-годишен српски државјанин со чекан го скршил стаклото од влезната врата и влегол внатре, а по него и неговиот 41-годишен ортак, кој вперил пиштол кон вработената и почнал да го собира златниот накит од излогот и од сефот во кој имало и торбичка со пари.

Потоа, заедно со 38-годишниот возач кој ги чекал пред дуќанот со автомобил „форд фиеста“ побегнале од местото на настанот.

Двајцата 44-годишни прилепчани на Србите им помогнале така што едниот им обезбедувал сместување, храна, мобилни телефони и друга логистика, а вториот им помагал за прикривање на автомобилот.

Како што информираат од МВР, прилепчаните се приведени и предадени на ОЈО.

извор: Makfax

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата