По Меланија, во Белата куќа би можела да влезе уште една Словенка

12.02.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
По Меланија, во Белата куќа би можела да влезе уште една Словенка

Демократската сенаторка од Минесота, Ејми Клобучар, која ја објави кандидатурата за претседателските избори во САД во 2020 година, по потекло е од Словенија, исто како и актуелната првата дама, Меланија Трамп.

Ејми Клобучар е внука на словенечки доселеници во Америка, а нејзиното презиме на словенечки значи шеширџија, пренесува агенцијата „Танјуг“.

Нејзиниот дедо се доселил во САД од словенечка Бела Краина како дете заедно со неговите родители, уште пред Првата светска војна.

Ејми Клобучар е родена во Америка и поради тоа има право да се кандидира за претседател.

„Стојам пред вас како внука на рудар, ќерка на учителка и новинар, прва жена од Минесота избрана за член на Сенатот, за да ја објавам мојата кандидатура за претседател на САД“, рече Клобучар пред три дена, пред нејзините поддржувачи во Минесота.

Таа е родена на 25 мај 1960 година. Нејзиниот татко, новинар и колумнист, Џејмс Клобучар, како што наведува порталот „Нашите луѓе во светот“, е роден на 9 април 1928 година во Елија, Минесота. Тој е син на Марија Пусел и Михаил Клобучар, рудар, кого Ејми го споменува и во својата изјава.

Таткото на сенаторката дипломирал на Универзитетот во Минесота во 1950 година, кога ја започнал својата новинарска кариера. Тој се оженил во 1954 година со Роуз Хуберберг и од бракот има две деца, Ејми и Бет.

Работел за неколку медиуми во Северна Дакота и Минеаполис, а меѓу другото бил новинар и за „Асошиејтед прес“, колумнист за „Минеаполис трибјун“ и „Минеаполис стар“. Автор или ко-автор е и на неколку книги.

Од демократската партија како потенцијални кандидати за следните претседателски избори досега се пријавија петмина претенденти, од кои четири се жени.

Покрај Ејми Клобучар, тука се уште и Елизабет Ворен од Масачусетс, Камала Харис од Калифорнија и Киртстен Гилбрант од Њујорк. Петтиот кандидат е Кори Бјукер од Њу Џерси.

извор: Makfax

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата