ЖИВОТ ВО ДРАЧЕВО: Што е ДОБРО, а што е ЛОШО

5.01.2020
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
ЖИВОТ ВО ДРАЧЕВО: Што е ДОБРО, а што е ЛОШО

ДОБРО

1.Населеното место Драчево е едно од најголемите скопски приградски населби. Во овој дел од градот жителите претежно живеат во индивидуални куќи, бараки кои со тек на време се надоградувани. Она што е карактеристично за Драчево се уредените дворови речиси пред секоја куќа, а посебен шарм даваат оградите чија шареноликост придонесува за особеност на секој објект.
2. Жителите на овој дел од Скопје, режиси секојдневно го посетуваат трговскиот центар лоциран во централниот дел од населбата,а во негова близина е сместена и Поштата. Тука може да се набави стока буквално од секаков вид и за сечија потреба. Многубројните дуќани нудат широк избор производи, а и во населбата воопшто има доволно маалски продавнички и бутици.
3.Во состав на трговскиот центар постои и добро снабден зелен пазар, каде што секојдневно има голема фреквенција на луѓе. Од спротива се наоѓа и Поликлиниката каде што драчевчани ги добиваат основните здравствени услуги.
4. Стекнувањето на нови знаења е овозможено во двете основни училишта и едно средно, кои засега се доволни да ги примат учениците и заинтересираните средношколци.
5. За нивната забава и рекреативниот живот има неколку спортски игралишта, иако нивниот број и не ги задоволува целосно потребите на младите.
6.Интересно е што речиси на секој агол има сервис за поправка и миење на возила, па така ако го извалкате возилото од калта или, пак, ви се оштети возејќи по големиот број дупки на патот, во секој момент имате каде да го поправите.

ЛОШО

1. Она на што најмногу се жалат Драчевчани е состојбата на сообраќајниците кои најчесто се раскопани или, пак, полни со дупки. Иако во Драчево од страна на Општината беа преземени одредени активности, улиците се уште се во катастрофална состојба.
2.Освен автобусот 41 на ЈСП до населбата нема друг автобуски сообраќај. Жителите сметаат дека би требало да се воведе приватна линија за да се намали чекањето на автобуските постојки.
3. Општината пред извесно време градеше големо паркиралиште во близина на Поштата, тоа ниту од далеку не е доволно за да ги задоволи потребите на граѓаите. Особено е критична состојбата околу трговскиот центар, каде што во пазарните денови околните улици стануваат непроодни од паркираните возила.
4. Младите се жалат и на слабата забава во вечерните часови. Ретките маалски кафулиња не се доволни да ги примат младите кои и немаат некој друг избор. Така тие најчесто патуваат до централното градско подрачје со сопствени возила или такси, бидејќи и автобусите во вечерните часови се вистинска реткост.
5.Хигиената во населбата е релативно добра, иако таа како и во други населби зависи од самите граѓани. Така, има локации кои со тек на време станале мали депонии, токму поради несовесното однесување на самите жители, иако улиците се релативно чисти, а контејнерите се чистат.
6. Уличното осветлување на поголемиот дел од улиците е добро, иако има и локации каде е потребна санација на светилките.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата