Нема веќе кој како сака: СЛЕДУВА ЗАКОН ЗА ВОЗЕЊЕ ЕЛЕКТРИЧНИ ТРОТИНЕТИ

14.12.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Нема веќе кој како сака: СЛЕДУВА ЗАКОН ЗА ВОЗЕЊЕ ЕЛЕКТРИЧНИ ТРОТИНЕТИ

Популарноста на електричните тротинети, кои се резултат на револуционерните промени на транспортот во светот, едноставно не ја остави рамнодушна ниту нашата земја. 

Низ улиците на Скопје можеме да забележиме сè поголем број лица кои своите автомобили ги заменија со ова транспортно средство, и тоа од повеќе причини. Поголема економичност, практичност, избегнување на метежот, а секако и придонесот што го имаат во намалувањето на загадувањето на животната средина, нешто што кај нас станува сериозен проблем.

Токму затоа, Град Скопје нудеше субвенции за овие возила и дополнително ги мотивираше граѓаните да купат електричен тротинет. Меѓутоа, додека Градот ги субвенционира, законот не ги препознаваше. Како нов тип превозно средство, тие никаде не беа дефинирани, а со тоа значително се нарушуваше безбедноста на возачите. Сè до пред некое време.

Со Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, што е во Собраниската процедура, ќе се уредува и управувањето со тротинети во сообраќајот. Министерот Спасовски деновиве информира дека ќе се уредува на ниво на велосипеди.

– Тука апсолутно немаше никаква регулација, каде да се движат, кои правила треба да ги исполнуваат. И тука ги имаме дефинирано условите за нивното учество во сообраќајот, каде може да се движат, брзината, возраста на лицето кое управува со нив, користење заштитна опрема, употребата на светла... Практично тоа е на ниво на велосипеди, информира Спасовски.

Портпаролот на МВР, Тони Ангеловски, за МИА изјави дека за самата регулација на употребата на овие електрични возила се користеле искуства од неколку европски земји и побарале мислење од експерти.

– Употребата на електрични тротинети е сè попопуларна кај нас, посебно оваа година, и се зголемува нивната употреба. Со самото тоа се наметнуваше прашањето за нивна регулација. Во целиот свет ова е ново превозно средство и сите земји наоѓаат начини како тоа да го регулираат. Ние користевме искуства од европските земји, направивме и неколку дебати со експерти, побаравме експертско мислење, сè со цел да изнајдеме решение што ќе биде најдобро, односно најдобро ќе се вклопи во условите во нашата држава, вели Ангеловски.

Според Ангеловски, со овие измени во Законот, кои очекува да се донесат наскоро, конечно ќе се регулира учеството на електричните тротинети во сообраќајот, за да се зголеми безбедноста на возачите на тротинет, но и на сите учесници во сообраќајот.

Заштитен шлем, рефлектирачки елек и максимална брзина до 25 километри на час

Во предложените измени на Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата, меѓу другото, е предвидено да се носи заштитна кацига од страна на овие учесници во сообраќајот, а во ноќниот период и во периодите кога е намалена видливоста да носат и рефлектирачки елек.

– Една од мерките предвидена во Законот е сите возачи да носат рефлектирачки елек, затоа што знаеме дека овие возила се на некој начин „нечујни" и треба да бидат што повидливи за другите учесници во сообраќајот. И овие мерки се предвидени во новиот Закон. Секое лице може да управува на велосипедска патека, но со максимална брзина до 25 километри на час, информира Ангеловски.

Тој додаде дека онаму каде што не постојат услови, односно нема велосипедска патека, може да се управува и по делот за пешаци, но максималната брзина е шест километри на час.

Исто така, како што објасни, регулирано е дека не може лице под 14 години да управува електричен тротинет, сè со цел да се загарантира безбедноста на возачите, но и на другите учесници во сообраќајот, затоа што, како што додава Ангеловски, може да ја загрозат безбедноста на пешаците, на велосипедистите, но и на другите учесници во сообраќајот.

Во Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата е предвидено доколку двајца или повеќе возачи на електричен тротинет се движат во група, тие се должни да се движат еден зад друг. Возачот на електричен тротинет е должен да управува со возилото на начин на кој не се намалува стабилноста на возилото и не се попречуваат другите учесници во сообраќајот, а особено не смее да ги симнува рацете од управувачот, да се придржува за друго возило, да превезува, влече или турка предмети што можат да го попречуваат во управувањето со возилото или да ги загрозуваат другите учесници во сообраќајот.

Според новите измени во Законот, возачот на електричен тротинет не смее да превезува други лица за време на управување со возилото. На електричен тротинет задолжително треба да има светло во бела боја на предната страна и светло со црвена боја на задната страна.

Дејан Андоновиќ од Републичкиот совет за безбедност на сообраќај (РСБСП) за МИА појаснува дека во Европската Унија не постои унифициран закон за користење електрични тротинети, но повеќето европски држави спроведоа свои законски мерки. Тој информира дека покрај Франција, Велика Британија и Србија, ние сме четврта држава во Европа што ја регулира законската употреба на електричните троритенти.

– Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот како советодавно тело изготви студија со која се утврдува кој, каде и како управува со електричниот тротинет, кои се потребите, кои се обврските, кои се привилегиите на едно такво ново превозно средство. Електричен тротинет е ново превозно средство и сега полека на ниво на свет на некој начин се прават законските решенија што би биле најпрактични за употреба на електричниот тротинет и пред сè за безбедноста во сообраќајот, појаснува Андоновиќ.

Повеќе санкции за прекршување на Законот

Од 50 до 120 евра ќе треба да плати секој поединец кој ќе ги прекрши одредбите од Законот за безбедност на сообраќајот, зависно од прекршокот што е направен.

Тони Ангеловски појаснува дека се предвидени различни санкции, зависно од тоа дали лицето управува со поголема брзина, дали не се придржува до границата за години за управување… Додаде дека казните не се само за да се казни сторителот, туку едноставно за да дејствуваат превентивно, за да не се прават во иднина овие прекршоци, и на тој начин да не се загрозува безбедноста врз сообраќајот.

Според неговите податоци, електрични тротинети најмногу користи помладата популација на тинејџери, и лица на возраст од 18 до 30 години.

Во однос на сообраќајните незгоди, Ангеловски наведе дека, за среќа, на територијата на Скопје досега немало многу незгоди, освен една потешка сообраќајна незгода, каде што возачот на електричен тротинет се здобил со тешки телесни повреди.

– За среќа, немаме голем број сообраќајни незгоди каде што учесници се возачи на електрични тротинети, но за да превенираме да не се случи во иднина, мораме да ги почитуваме овие правила што ги зборуваме сега и што ќе важат во наредниот период, рече Ангеловски.

Како што наведува и Дејан Андоновиќ, во Скопје немало посериозни инциденти или сообраќајни незгоди со електрични тротинети, евидентирани се околу седум полесни инциденти.

– Статистиката покажува дека во Скопје немало некој сериозен инцидент или настрадани во некои сообраќајни незгоди со електричните тротинети. Евидентирани се неколку случаи, шест или седум, каде што ниту еден од нив не е сообраќаен инцидент или судир, туку врз основа на возење, бидејќи тротинетите се сепак нестабилни. Но, никогаш не е доцна, додава Андоновиќ.

Токму затоа, според Андоновиќ, оваа законска регулатива, предложена од МВР и Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот, доаѓа во вистинско време, затоа што сега точно знаеме каде треба да се управува електричниот тротинет, колку може брзо да вози, што сè треба да има на него, но и старосната граница на управувачите на електрични тротинети.

Повисока сообраќајна култура – поголема безбедност

Според Андоновиќ, сообраќајната култура не може да се донесе со закон, ниту да се уреди со закон. Сообраќајната култура, како што вели, е култура на еден народ и на свеста.

– Ние треба и како Републички совет за безбедност на сообраќајот преку едукативни кампањи и преку реклами, билборди да се обидуваме да ја подигнеме сообраќајната култура. Сите ние треба сами дома да ја увидиме нашата сообраќајна култура и да ја подигнеме свеста, рече Андоновиќ.

Тој додава дека секој возач на електричен тротинет треба да ги почитува овие правила за да ја сочува својата безбедност, но и за да се намали бројот на настраданите и на прекршоците во сообраќајот.

– Ако законските измени кажуваат дека не смееш да возиш побрзо од шест километри на час, треба да го почитуваш тоа. Тоа е таа сообраќајна култура. Кога сите ние би ја кренале нашата свест и би имале некоја сообраќајна култура, ќе има и многу помалку и настрадани и прекршоци во сообраќајот, појаснува Андоновиќ.

Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот, како што објаснува Андоновиќ, укажува на корисноста на користењето електрични тротинети, побрзо движење, немање бучава, незагадување на воздухот преку низа кампањи и едукации.

– Ние како Совет имаме советодавна улога, имаме и низа кампањи, едукации, уште од најмали нозе ги учиме децата и возрасните, им укажуваме на тоа што треба да прават во сообраќајот, сè со цел да имаме многу побезбеден сообраќај од оној што го имаме сега. Јас секогаш потсетувам, никој од нас не е имун на последиците од сообраќајот, сите ние учествуваме во сообраќајот, нечие невнимание може и нам да ни го загрози животот, додава Андоновиќ

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата