Најбараната слика oд Густав Климт пронајдена по 23 години

12.12.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Најбараната слика oд Густав Климт пронајдена по 23 години

Сликата од австрискиот сликар Густав Климт е пронајдена во истата италијанска галерија од која исчезна пред речиси 23 години.

Платното „Портрет на една дама“ беше откриено во вдлабнатината на еден од надворешните sидови на дворот на модерната галерија „Ричи Оди“ во градот Пјаченца.

Вдлабнатината била заштитена со метална врата и скриена со дебел слој од бршлен. Ја откриле градинарите кои ги средувале билките во дворот, а потоа го повикале галерискиот персонал.

„Се враќав од паузата за ручек кога ме повикаа дека откриле уметничко дело“, рече вработениот во галеријата, Дарио Галинари.

„Мислев дека е шега“.

Сликата била завиткана во црна пластична кеса, но Галинари веднаш го препознал исчезнатиот Климт.

„Окото ми е професионално“, рече тој. Тој ја примил сликата додека неговите раце се треселе и тој ја однел кај директорот за безбедност на галеријата, кој повикал полиција. Галинари рече дека делото е во одлична состојба и ништо не недостасува. Тој верува дека се работи за оригинал.

Сè уште не е јасно што се случило пред 23 години со сликата, која е еден од низата женски портрети што Климт ги насликал кон крајот на неговиот живот од 1916 до 1918 година. Сликата исчезнала во февруари 1997 година, и останала само рамката на сликата.

извор: Makfax

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата