Вардар со пресврт во второто полувреме дојде до победа над Татран Прешов во СЕХА-лигата и со тоа на едно коло пред крајот на регуларниот дел од сезоната, потврди дека како првопласирана екипа од групата А ќе патува во плеј-офот.

„Му честитам на Татран на добрата игра, која ја покажаа. Имавме наши планови на овој меч, сакавме да им дадеме шанса на играчите кои имаат помала минутажа. Во второто полувреме моравме да играме со најдобрите играчи. Ја исполнивме целта ги освоивме трите бода кои планиравме. Сега го чекаме другиот дел од сезоната, да бидеме комплетни и да се подготвиме за почетокот на Лигата на шампионите“, изјави тренерот Едуард Кокшаров.

Кружниот напаѓач Домен Сикошек Пелко, потврди дека по лошиот старт потребно било да се одигра со најсилната постава за да се победи Татран.

„Му честитам на Татран на доброто прво полувреме, ние отворивме лошо. На одморот се договоривме да играме во најсилен состав во продолжението. Им честитам на момците на добрата игра, одиме да се одмориме и да се подготвиме најдобро за вториот дел од сезоната.“