(Видео) ВМРО-ДПМНЕ бара оставка од министерот за култура

10.02.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
(Видео) ВМРО-ДПМНЕ бара оставка од министерот за култура

ВМРО-ДПМНЕ го повика министерот за култура, Асаф Адеми, да поднесе неотповиклива оставка, а Министерството итно и неодложно да ја повлече Годишната програма за работа во културата за 2019 година.

„Македонската културата ја живее својата трагедија. Тоа што владата на СДСМ го прави со Годишната програма за работа во културата за 2019 година е срам, а постои сериозен сомнеж и за криминал“, изјави Роберт Вељановски од ВМРО-ДПМНЕ. Според него, Годишната програма на Министерството за култура е само уште еден експлицитен пример за поделбата во македонското општество по етничка и партиска линија.

„Медиумите веќе објавија дека фирмата „Меденица“ ДООЕЛ увоз – извоз Скопје, од Министерството за култура доби неверојатни 1,7 милиони денари. Фирмата „Меденица“ ДООЕЛ увоз – извоз Скопје била формирана на 27-ми септември, неколку дена пред да биде распишан конкурсот на министерството. Само овој податокот е доволен за основан сомнеж за манипулација со буџетските средства. Дали е точно дека лани во август само еден месец пред да биде објавен конкурсот формирано е и здружението „Оп-лека“ од Тетово кое за манифестацијата „Тетово пее“ доби 100 илјади денари? Дали е точно дека „Елите евентс“ од Тетово доби 400 илјади денари, но ваква фирма или здружение не може да се најде во Централниот регистар? Дали е точно дека „Зери Дарданис“ од Тетово кое доби 100 илјади денари од министерството е формирано во мај месец минатата година, четири месеци пред распишувањето на конкурсот?“, праша Вељановски.

Тој обвини дека парите на граѓаните и буџетската сметка на Република Македонија се третирани како лична партиска сметка на СДСМ која служи за исплата на долговите на Заев кон неговите доверители, најзаслужните за неговото доаѓање на власт.

„Реномирани уметници, институции и фестивали со огромно влијание во македонската култура се заборавени од државата, дискриминирани со цел исплата на концесиите на Зоран Заев. Колку за пример на Националната установа Турски театар – Скопје и е одобрен само еден единствен проект“, рече Вељановски.

извор: Makfax

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата