Светна новогодишната елка во Скопје

6.12.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Светна новогодишната елка во Скопје

Со вeчерашното светнување на елката на плоштадот „Македонија“ и отворањето на новогодишниот базар „Винтерленд“ симболично се означи почетокот на новогодишните празнувања во Скопје.

На почетокот на новогодишниот базар присуствуваше градоначалникот, Петре Шилегов, а празничната атмосфера беше збогатена со детска претстава проследена со новогодишни и божиќни песни.

„Имавме спектакуларно светнување на новогодишната елка, што за првпат го гледаме во нашиот град. Бидејќи ни претстојат денови исполнети со многу радост и среќа, Ве повикувам да го посетите Винтерленд и да уживате во богатата и разновидна програма секоја вечер за сите возрасти. На Скопјани им посакувам убави новогодишни празнувања“, изјави Шилегов на отворањето на новогодишниот базар.

Новогодишните куќички на „Винтерленд“ се сместени на новиот плочник меѓу ГТЦ и плоштадот, а новогодишната програма ќе трае 25 дена – од отворањето на базарот, па се до 31 декември, до дочекот на Новата 2020 година. Во близина на куќичките ќе биде сместена и мала сцена на која секојдневно ќе се организираат настани кои ќе го привлечат интересот на сите граѓани, без разлика на возраста. На овој простор ќе има и катчиња за детски игри, како и разновидни содржини од новогодишен карактер.

Во работните денови секој ден ќе има 2 часа детска програма која ќе почнува околу 16 часот, а подоцна ќе има 3 часа програма за возрасни. За време на викендите е планирана целодневна програма која ќе почнува точно напладне.

Градот Скопје ги поканува граѓаните да го посетат „Винтерленд“ и сите заедно да ја доживеат новогодишната атмосфера организирана по примерот на останатите европски плоштади.

извор: Makfax

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата