Поранешниот македонски репрезентативец Марио Ѓуровски, синот на славниот Милко Ѓуровски, си ја отвори душата за српски „Телеграф“. Во опширно интервју раскажа дека во 2007 година кога требало да ја напушти Бежанија имал неколку понуди, меѓу која и една од омилениот клуб Црвена Звезда меѓутоа ја одбил. Од Бежанија заврши во Војводина, а од таму кариерата ја продолжи во украински Металург па потоа реши да игра во егзотичната лига на Тајланд каде е и денес.

„Тоа време бев член на Бежанија и одигравме одлично на „Маракана“. Тогаш почнаа да ми се јавуваат разни клубови и на крајот јас и брат ми Марко отидовме на ручек со господинот Драган Стојковиќ (тогашниот претседател на Звезда) и Дик Стојановиќ (спортски директор на црвено-белите). Медиумите веќе почнаа да пишуваат дека одам во Звезда. Точно дека тие ми понудија договор. Истовремено имав и понуди од Партизан и од Панатинаикос. Понудата на грчкиот клуб беше со опција да ме позајми во ОФИ од Крит. Тогаш уште бев дете и не знаев што да правам.

Прашањето е дали да се оди во Звезда за која навивам или не. Сега некој ќе каже па зошто не го направи тоа? Едноставно, во тој момент беше хаос, многу работи се случија и во Бежанија, јас побарав мало одложување, барем на неколку денови да ја избистрам главата и да се стабилизира ситуацијата. Но понудата на Звезда беше со варијанта да се прифати до крајот на денот.

Јас си имав некој свој принцип и став, иако бев дете, и мислам дека лошо излезе за мене, можеби добро по нив. Бев неодлучен во тој момент и тоа е тоа. Да прифатев кој знае каде ќе бев сега. Жал ми е што не заиграв во Звезда или Партизан“, изјави Ѓуровски.