МЗТ Скопје на домашен терен го совлада Нови Пазар по голема драма со 89-87 (24-19, 22-27, 24-24, 19-17) во рамките на десетото коло во АБА 2-лига. Херојот на актуелниот првак е Харис со две слободни фрлања во последните секунди ја обезбеди победата број осум на својот тим.

Токму овој кошаркар со 18 поени беше прв стрелец, по 14 имаа Магдевски и Хиндс. На другата страна Тодоровиќ имаше 23 поени.

Избраниците на Ѓорѓи Кочов добро тргнаа, отворија со серија од 7-0, на минута и пол до крајот на првата четвртина имаа водство од 23-14. Но, паднаа кон средината на втората четвртина. По 46-41 во 28. минута влегоа во поентерска криза, одбраната потфрли, доволно за да гостите се вратат во игра. Кошаркарите на Нови Пазар со серија 2-16 поведоа со 48-57.

Стојановски, Хиндс и Харис полека ја топеа негативата, и успеаја во тоа. Во последните десет минути, МЗТ Скопје влезе сигурно, поведе со 76-70. Но, како и тоа да не беше доволно, па мечот влезе во неизвесна завршница. Противникот со поените на Вулиќ и Тодоровиќ на кратко дојде до ново водство 78-79, но Крстевски со пет поени врати за 83-79.

Одбраната лесно дозволуваше Нови Пазар да поентира, на 1:42 до крајот, израмни на 83-83, па Кочов повика тајм-аут. Новаковиќ постигна две тројки во последните две минути за 85-86.

Вистинска драма се случуваше во последната минута, Нови Пазар промаши неколку напади при 87-87, а потоа Хиндс изгуби топка, на голема среќа на другата страна гостите не реализираа, Харис успеа од линијата за слободни да донесе голема радост.