Анѓушев и Жбогар со поддршка на проект за планински велосипедизам во Берово

4.12.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Анѓушев и Жбогар со поддршка на проект за планински велосипедизам во Берово

Вицепремиерот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев и амбасадорот на ЕУ, Самуел Жбогар, присуствуваа во Берово на промоцијата на подпроектот „Планински велосипедизам“ на здружението Малешевска корија, кој е дел од Проектот за локална и регионална конкурентност.

Како што информираат од владината прес-служба, овој проект се реализира од Кабинетот на Вицепремиерот со финансиска поддршка од делегацијата на Европска Унија и од Светска банка.

Анѓушев истакна дека ова е еден од вкупно 47. подпроекти кои во моментот се спроведуваат во рамките на Проектот за локална и регионална конкурентност.

„На здружението Малешевска Корија, кои го спроведоа подпроектот ‘Планински велосипедизам’, во вредност од околу 3,2 милиони денари, им посакувам многу успех, преку оваа активност да привлечат многу туристи. Тоа дека туризмот може да биде една од гранките која што може да ја задвижи економијата покажуваат и последните официјални бројки. Подпроектот кој се спроведува во Берово покрај тоа што има економска компонента има и социјална компонента и уште една подлабока компонента, а тоа е дека со збогатување на туристичката понуда, се зголемуваат можностите како младите луѓе од Берово, но и од целиот Малешевски регион да обезбедат своја егзистенција и иднина и да продолжат да живеат во регионот и да не ја напуштат нашата убава држава“, нагласи вицепремиерот во обраќањето.

ЕУ амбасадорот Жбогар посочи дека Северна Македонија е објавена од страна на Lonely Planet како една од 10-те дестинации кои треба да се посетат во 2020 година.

„Јас доаѓам од Словенија и ние имаме кај нас природа и сме горди на таа природа, но таа сама по себе не е доволна, туристите бараат повеќе: авантура, гастрономија, искуство, култура, за да добијат целосно доживување. Северна Македонија ги има сите потребни елементи, а сега треба да се доврши приказната, да се изгради наратив и кога го велам тоа, се сеќавам на филмот ‘Полето на соништата’ каде велат ‘Ако го изградите, ќе дојдат’ и токму тоа сега заеднички го правиме“, потенцира евроамбасадорот.

Директортката на Проектот, Антонија Шишак, нагласи дека тој треба да ја збогати туристичката понуда на земјата и да ја подобри инфраструктурата и пристапноста до туристичките локации и атракции.

Проектот за локална и регионална конкурентност со вкупна вредност од 21 милион евра, содржи три компоненти: поддршка на локалната самоуправа во изградба на инфраструктура за поттикнување на конкурентноста, особено во туризмот, поддршка на микро, мали и средни претријатија кои се занимаваат со туризам и угостителство, како и поддршка на здруженија и асоцијации од туристичката дејност.

извор: Makfax

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата