Комора на сметководители: Брзите измени на Законите влеваат несигурност кај компаниите и граѓаните

4.12.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Комора на сметководители: Брзите измени на Законите влеваат несигурност кај компаниите и граѓаните

Честото менување на законската регулатива и ефектите од промените особено во даночните закони врз стопанството, најавата за нова глобална економска криза во 2020г, како и актуелната состојба во сметководствената дејност, беа во фокус на прес-конференцијата на Комората на сметководители во Сојузот на стопански комори на Македонија.

Претседателот на Комората на сметководители  Драган Митковски истакна дека брзите промени во даночната регулатива го зголемуваат ризикот во работењето и го оневозможуваат ефективното даночно планирање на компаниите. Тие се пречка за водење на бизнисот и предизвикуваат несигурност со што го забавуваат растот на економијата, создаваат незадоволство кај граѓаните и директно влијаат на зголемување на сивата економија.

„Законите во даночната сфера се менуваат многу често и најчесто по брза постапка и без консултации со стопанството. Како примери би ги посочиле Закон за данок на личен доход, кој беше донесен и покрај нашето предупредување за штетните ефекти од неговата имплементација, за по една година подоцна неговата примена да биде одложена. Дополнително, од јануари стапуваат на сила измените на Законот за придонеси за задолжително социјално осигурување, со кој придонесите растат за 0,5% со што нивниот кумулативен раст од лани е 1%. Имајќи предвид дека ефективната даночна стапка со вклучени придонеси и данок на личен доход, е веќе 50% на основа на нето платата која вработените ја земаат сметаме дека со ова се става преголем товар на и онака кревкото стопанство“, истакна Митковски и додаде дека брзото менување на законите води кон импровизирање, односно многу често се носи законско решение кое е неприменливо во пракса и за чија имплементација нема претходно изградена системска рамка. Не ретко новите закони се неприменливи, бидејќи доаѓа во судир по другата постоечка регулатива, што значи дека истите се носат без соодветна претходна анализа.

Благоја Грозданов, член на Управен Одбор на Комората на сметководители, истакна дека предизвик за бизнис заедницата е и тоа што брзото и постојано менување на законите е тешко за следење.

„Mалите и средни фирми кои очекуваме да бидат двигател на економијата немаат на располагање тим на советници кои постојано ќе ги информира и ќе им помага во примената на новата регулатива. Оваа активност најчесто е оставена на сметководителите. Проблем со законите кои се менуваат често е и тоа што не се прецизни, па отвораат можност за различно толкување и префрлање на надлежностите. Брзото и често менување на законите покажува и дека не постои стратегија за тоа што се сака да се постигне и како да се дојде до тоа, туку одлуки се носат на дневно-политичка основа. Така, иако некои законски измени како онаа за зголемување на минималната плата, може навидум да изгледа дека е добра за одредена категорија на граѓани, сепак на долг рок како што и предупреди и  ММФ во последниот извештај, нема да ја намали сиромаштијата, туку ќе ја зголеми сивата економија“, истакна Грозданов.

Комората на сметководители дополнително предупреди дека надлежните треба да ја имаат предвид новата глобална економска криза која се заканува во  САД, Европа, но и во нашето соседство. Актуелното забавување на светската и европска економија, би можело да доведе до рецесија што ќе значи силен економски удар особено за нефлексибилните и ригидни економии.

„Прогнозите на светски познатите стручњаци се дека таа криза не би требало да биде со размер како онаа во 2008 година, но сепак креаторите на економската политика во земјава треба да ја имаат предвид и оваа опасност и да се размислува во насока на мерки кои ќе го стабилизираат и јакнат приватниот сектор. Владата треба да го зголеми штедењето и да го намали дефицитот на буџетот, непотребните јавни трошоци и задолжувањето во странство, а да донесе мерки за ублажување на ценовниот удар и со индиректни мерки да им помогне на компаниите што имаат намален извоз“, истакна Грозданов.

Комората на сметководители потенцира дека сметководството треба да се издигне на многу повисоко ниво и да се цени трудот на сметководителите кои законски одговараат на потребите и барањата на своите клиенти, а од друга страна пак, одговараат и на потребите на институциите, поточно на општеството во целина.  Во овој период на годината кога почнуваат активностите за изготвување и поднесување на годишните финансиски извештаи Комората на сметководители апелира дека потребно е овозможување исклучиво право на потпис единствено на лице регистрирано како овластен сметководител, со што покрај одговорноста сметководителите ќе имаат и соодветни права кои произлегуваат од нивните квалификации.

извор: Makfax

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата