Мицкоски: Побарав поддршка за европските интеграции, Туск е подготвен да помогне

20.11.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Мицкоски: Побарав поддршка за европските интеграции, Туск е подготвен да помогне

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во рамки на самитот на Европската народна партија во Загреб оствари повеќе билатерални средби. Тој оствари средби со претседателот на Европската комисија и иден претседател на Европската народна партија, Доналд Туск, потпретседателот на Европската комисија за работни места, Јирки Катајнен, хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ и лидерот на албанската опозиција, Љуљзим Баша.

Мицкоски на средбата со идниот претседател на ЕПП, Доналд Туск, изрази загриженост за состојбите во Република Македонија, потенцирајќи дека има недостигот на правда, зависен и корумпиран правосуден систем, како и растечката сиромаштија.

„Побарав поддршка за Република Македонија на планот на европските интеграции. Туск како пријател на нашата земја изрази подготвеност да помогне на патот кон Европската Унија и градење на продлабочено партнерство и соработка со ВМРО-ДПМНЕ како членка на Европската народна партија. Идната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе ги искористи сите потенцијали и пријателства да се одблокира европскиот пат и да се спроведат реформи кои ќе донесат стандарди, подобар живот и обнова која им е потребна на граѓаните“, потенцираше Мицкоски.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ на средбата со Јирки Катајнен, досегашен еврокомесар, потпретседател на Европската комисија за работни места, раст, инвестиции и компетитивност и поранешен премиер на Финска, дискутираше за новите технологии и инвестиции на ЕУ и можностите и перспективите за развој на Република Македонија во оваа сфера.

Мицкоски и Пленковиќ ги констатираа одличните односи на двете сестрински партии, при што претседателот на ВМРО-ДПМНЕ ја побара хрватската поддршка за европските интеграции на Македонија.

„Очекувам одлична соработка на идната македонска Влада со Владата на Република Хрватска и реформи кои ќе нè стават на брза патека кон ЕУ“, истакна Мицкоски.

Пред почетокот на самитот Мицкоски оствари средба и со лидерот на албанската опозиција, Љуљзим Баша, на која двајцата соговорници разменија искуства, размислувања и погледи за иднината на нашите земји и регионот.

„Пред нас имаме тешка задача за надминување на предизвиците и обнова која треба да донесе поубав живот на сите граѓани“, заклучи Мицкоски.

извор: Makfax

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата