Мицкоски во Кавадарци: ВМРО-ДПМНЕ ќе победи на изборите со разлика од над 100.000 гласа

14.11.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Мицкоски во Кавадарци: ВМРО-ДПМНЕ ќе победи на изборите со разлика од над 100.000 гласа

„Веќе третиот месец поминува откако ја минуваме Македонија, поминавме неколку илјадници километри, поминавме стотици села, поминавме десетици градови ширум Македонија, разговараме со наши сограѓани и можам да кажам дека повеќе од 35.000 писма, сугестии, проблеми, насоки стигнаа до ВМРО-ДПМНЕ кои што се резултат на оваа наша активност на терен, но и она кое што стигнува во седиштето на партијата. Со тоа можам да кажам дека ги надмина очекувањата кога всушност ја започнавме оваа наша акција а тоа беше да добиеме што е можно повеќе сугестии и што е можно насоки, совети и да ги слушнеме проблемите на нашите сограѓани за да можеме во програмата која што ја подготвуваме за следните предвремени парламентарни избори да излеземе со решенија за тие проблеми“,рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во рамките на кампањата „Разговори за Обнова на Македонија – Проблеми, решенија и програма“ во Кавадарци.

„За волја на вистината кога започнавме таму крајот на септември месец се уште не беше извесно дека ќе има предвремени парламентарни избори иако ние како ВМРО-ДПМНЕ, како најголема политичка партија во Македонија, како опозиција во случајот, континуирано повторувавме и инсистиравме народот на непосредни и предвремени парламентарни избори час поскоро одлучи дали навистина „блескаме“ како што вели Зоран Заев, или пак Македонија никогаш не била во полоша состојба како што велевме ние како најголема политичка партија и како опозиција во Македонија.

Тоа се случи после она фијаско на Зоран Заев и владата која што тој ја предводи, се охрабри и одлучи заедно со парламентарното мнозинство да се сложат на такви предвремени парламентарни избори на 12 април 2020 година.Зошто го споменувам ова? Затоа што ние ќе ја поминеме Македонија неколку пати до тогаш и ќе се видиме уште неколку пати овде во Кавадарци, ќе разговараме и на плоштадите и на улиците, ќе разговараме и по месните комитети, ќе разговараме за актуелната состојба во државата, но, не треба да заборавиме дека 12 април 2020 година е денот кога граѓаните треба да одлучат дали Македонија ќе продолжи да ја води води неспособен радикал или Македонија ќе ја водат умерени патриоти.
Јас сум убеден во мудроста на граѓаните, јас сум убеден дека граѓаните на сметка не нереализираните ветувања, на сметка на неисполнетите очекувања на сметка на лагите, на сметка на привитивизмот дека декадецијата, понижувањата и омаловажувањата кои што за жал се наше секојдневие, ќе изберат честитост, чесност, ќе изберат иднина која што ќе значи Обнова на Македонија“, додаде Мицкоски.

Тој рече дека е убеден дека на 12 април , граѓаните на Македонија Обнова на Македонија, за достоинствена, модерна, европска држава која што ќе нуди шанса и можност за сите граѓани и ќе победи историски најголемата коалиција во независна Македонија, а тоа е коалицијата која што ја предводи ВМРО-ДПМНЕ заедно со народот и коалицијата за Обнова на Македонија.

„И тоа не го зборуваат само анкетите, тоа почнаа да го зборуваат и перјаниците на СДСМ. Го слушнавте оној поразениот претседателски кандидат од изборите во 2013 година кој што вели дека се очекува ВМРО-ДПМНЕ да победи со разлика од 3 проценти. Но, тука не е искрен бидејќи е од СДСМ и тие не можат да бидат искрени. Разликата е повеќе од 5 проценти, разликата е повеќе од 100.000 гласа и разликата ќе биде доволна за да не се случи желбата на Зоран Заев од постизборен инжинеринг. Идната влада ќе ја формира ВМРО-ДПМНЕ и ВМРО-ДПМНЕ ќе ја Обновува Македонија.

Кога тргнавме и кога прв пат зимата 2017-та и пролетта 2018-та година ја обиколувавме Македонија, сите ни велеа што правите, готови се, толку е гледате дека поддршка има од Заев од таму, ВМРО-ДПМНЕ е на колена, ќе треба време да застанете на нозе, но денеска сите зборуваат дали ВМРО-ДПМНЕ сама ќе направи влада со 61 пратеник или пак ќе требаат коалициони партнери. Тоа го направивте вие, тоа го направија граѓаните на Македонија, тоа го направија активистите на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за Обнова на Македонија, затоа што веруваа, затоа што работеа и затоа што знаеја дека ќе успееме, затоа што Македонија нема друга алтернатива освен влада која што ќе ја предводи ВМРО-ДПМНЕ“, рече тој.

Мицкоски понатаму порача: „За бидеме поуспешни утре во владата, за да бидете вие поуспешни, за да биде Македонија поуспешна тргнавме да поминеме илјадници села, да поминеме стотици населени места, општини градови, да разговараме, да учиме заедно со вас, да учиме од вас, тоа што сме го погрешиле да го исправиме, тоа што не е добро да понудиме решение, таму каде што не можеме, не умееме да понудиме решение чесно и искрено да кажеме тука нe можеме да понудиме решение поради тие и тие причини, ова не се решава преку ноќ, таму каде што ни е потребно повеќе време за да најдеме решение да кажеме искрено и чесно, да се погледнеме во очи и да кажеме нас ни е потребно повеќе време за да го решиме ова.
Само со искрен и честит пристап можеме да одиме напред.

Ги слушам секојдневно како велат дека „блескале“ дека направиле реформи, дека Македонија ја однеле ваму, ја однеле таму. Но, донесоа само срам, понижување и омаловажување. Зоран Заев и СДСМ во 2016 та година, нашиот политички противник, некој ќе рече зошто само за нив зборуваме, но мораме да зборуваме за да се потсетат граѓаните на таа најголема историска политичка лага наречена „Живот“ кога всушност Зоран Заев бараше спас да не оди таму каде што заслужува да оди, бидејќи беше фатен како бара мито, се сеќавате на онаа политика евро за евро. Затоа што знаеше дека ќе заврши, таму каде што треба да заврши, да понесе одговорност и тогаш одлучи да уништува државен имот, тогаш одлучи да пишува писма во светот да ја кодоши Македонија. Да ја кодоши и да собира ситни политички поени за да може да се дограби до позицијата каде што сега се наоѓа. Па ги лажеше родителите на Мартин Нешковски, ја злоупотреби судбината на тоа невино човечко чедо, ги лажеше родителите и за Смилковско, велеше дека тој знаел што била причината зошто тие млади животи прерано згаснаа. Тој ја знаел вистината, а вистината лежела во тогашната влада. Лажеше и за петто мајските настани во Куманово во Диво Насеље, лажеше дека тоа било наместено.

Одеше по Македонија ги лажеше земјоделците, велеше гласајте за мене, јас сум тој кој што ќе донесе поголеми субвенции, јас сум тој кој што ќе ви обезбеди достоинствен откуп по достоинствена цена. Тоа го правеше и во Ресен, тоа го правеше и во Кочани и кочанско, тоа го правеше и во Радовиш и радовишко, во Струмица и струмичко, во Битола и битолско, во Тетово и тетовско, тоа го правеше овде во Тиквешијата во Кавадарци, во Неготино. Ветуваше и лажеше, ги гледаше луѓето во очи и играше со човечките судбини.

Зошто? За да може да дојде и да седне во кожната фотелја да гази дебели персиски килими, но првата задача му беше како себе си да се спаси од случајот Поткуп. Денеска три години потоа, Македонија никогаш не била во полоша состојба, денеска Македонија никогаш не била попонижена, поомаловажена, поразграбана, поопљачкана. Повеќе полна со криминал и корупција, декаденција и примитивизам од принципот на „мало сутра“ или тепсијата која што била изедена со баклавата. Денеска тоа е за жал политичкото секојдневие кое што ни го сервираат политички маргиналци од типот на Зоран Заев. Додека коленичат и ја распродаваат секоја педа која што некој со живот ја платил, не им пречи да си ги договараат тендерите во четири очи во оној ресторан недалеку одовде во југоисточна Македонија да врват провизиите во зависност од зделката од 5 до 15%. Таа Македонија ние не ја замислуваме таква“.

Мицкоски порача дека не замислува Македонија каде што ќе ги лаже младите, дека ќе обезбеди за нив младинска гаранција, дека ќе обезбеди веднаш работно место после дипломирањето, дека ќе обезбеди реновирани студентски домови.

„Таа Македонија не е таа која што ја ние ја гледаме и ја сакаме. Тоа што ќе го кажеме, тоа и ќе го испорачаме. Ќе ветиме и ќе испорачаме дека следната влада на ВМРО-ДПМНЕ за секој млад човек кој што ќе има месечно примање до 500 евра, до 29 години ќе биде ослободен од даноци.За секој млад човек кој што ќе има годишни примања не помали од 6.000 евра ќе биде ослободен од плаќање даноци и тоа ќе го испорачаме.Сите студентски домови ќе ги реновираме затоа што знаењето нема цена, затоа што мора да продуцираме млади луѓе кои што утре ќе бидат авангарда, луѓе кои што ќе ја носат Македонија на своите плеќи, кои што ќе ја развиваат и ќе ја направат достоинствено место за живеење, модерна европска држава. Коишто нема да редат чевли пред владата и кои што ќе велат дека младите ја напуштиле, туку ќе ги враќаат тие кои што ги заборавија своите чевли таму да ги облечат. Таа е Македонија која што сакаме да ја видиме после 4 години влада на ВМРО-ДПМНЕ.

Македонија достоинствена, Македонија каде што принципите и аргументите ќе бидат средство за разбирање. Ние велиме доста е со овој примитивен, популистички радикализам кој што го слушаме од Зоран Заев, неспособен радикализам. Ние сакаме да видиме умерен патриотизам. Каде што ќе обезбедиме со методологија која што емпириски ќе ја докажеме, реформа во судството и правосудството, за да можат инвеститорите да се чувствуваат сигурни кога ќе инвестираат во Македонија, без разлика дали се тоа странски или домашни. Набргу од сега ќе излеземе со детална презентација од како ќе ја завршиме рецензијата на Зоран Заев. Со нивни инвестиции ќе има отворени работни места, ќе има повеќе пари во буџетот, а со повеќе пари во буџетот ќе има и повеќе пари и во здравството ќе има и повеќе пари во образованието, ќе има повеќе пари и за пензии на пензионерите, повеќе пари за субвенции на земјоделците. Тоа е пристапот којшто ВМРО-ДПМНЕ го има, ние немаме пристап коцкарско ко принципот „all in“ , туку пристап со јасна стратегија и методологија како да стигнеме до крајната цел. Подготвени сме пред секого да го аргументираме со факти и емпириски да го докажеме. Тоа ќе биде програмата на ВМРО-ДПМНЕ на следните предвремени парламентарни избори, тоа ќе биде програмата која ќе победи на следните предвремени парламентарни избори“, рече Мицкоски.

Според него, Заев се расфрла со нашите пари коишто ги нема, планира Македонија да ја задолжи за една милијарда евра, за да си купи уште еден мандат како премиер на владата.

„Зарем толку го навредува македонскиот граѓанин? Зарем мисли дека ние ќе заборавиме што правеше сите овие три години и ќе се продадеме за неговите жолтици? Сетете се само како тој човек се колнеше во жицата и во најмилото и што правеше. Сетете се за човекот кој секогаш не ја говореше вистината, сетете се на човекот којшто е подготвен се да направи, за да остане, не за да им биде подобро на граѓаните, не за да и биде подобро на Македонија, туку за да може да се спаси од одговорност. Затоа што знае, доби повратна информација преку куририте што стигаат до мене, дека после 12-ти април 2020 одговорност ќе има за сето она коешто и го направи на Македонија овие три години. За целото понижување, за целото омаловажување, за криминалот, за корупцијата, мора да има одговорност, нема да има повластена политичка каста во оваа држава.

Го гледа како вели дека ги качувал платите, вложувал во човечкиот потенцијал, тогаш тие советници коишто тоа лажно му го кажале ја испуштиле лекцијата дека човечки потенцијал се инвестира со знаење, со трансфер на знаење, а со пари се поткупува и се понижува човечкиот потенцијал. Тоа можеби така во неговата глава може да биде вложувањето со пари, ние вложуваме со знаење, со трансфер на знаење, така се вложува во човечкиот потенцијал.
Па ќе каже ги зголемил платите во образованието, на наставниците на професорите, во основното и средното образование. Каква е вистината ? Не само што не ги зголемил, туку и ги намалил платите, зошто ? Затоа што кога го зголемуваше прагот за минимална плата не водеше сметка дека на тој начин ќе ги осакати сите оние вработени коишто имаат потпишан Колективен договор, а меѓу нив и вработените во основното и средното образование коишто се дефинирани со коефициент. Па така, денеска ќе каже дека ја зголемил платата во образованието за 10 проценти и требало да издејствува 26.000 денари од први јануари 2020-та. Каква е вистината ? Денеска со Законот за минимална плата, којашто до денес изнесуваше 12.500 денари, наставниците и професорите во средните и во основните училишта, требаше да земат плата од 31.600 денари, 5.600 денари повеќе од тоа коешто денеска вели Зоран Заев дека го зголемил.

Еве помина минималната плата лажеа, кодошеа, видоа дека ВМРО-ДПМНЕ не е против минималната плата, немаа кворум во Собранието, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ затоа што веруваа и се обврзаа со програмата на изборите во 2016 дека ќе ја зголемат минималната плата, за волја на вистината на поинаква основа беа и гласаа во собранието изгласаа минимална плата од 14.500 денари. Ајде еве го повикувам и Синдикатот и Министерството за образование и наука и Владата ајде утре да ја зголемиме платата согласно Колективниот договор и Законот за минимална плата, ајде секој вработен да добие примање онолку колку што му следува, а му следува просечна плата без додатоци од 36.600 денари.

Зошто толку? Затоа што кога ќе ги помножите 14.500 денари минимална плата со коефициентот на сложеност на работно место што го има секој вработен во образованието, а тоа е 2,533 тогаш добивате сума од 36.600 денари. Ајде да не ги лажеме и да не ги манипулираме луѓето, ајде да го испорачаме тоа кое што им следува согласно закон и согласно колективниот договор. Еве го повикувам и Министерството и Владата и Зоран Заев и Синдикатот утре да ја исправиме заеднички таа грешка на која што сакаат да печалат ниски пари и ниски страсти.Веднаш и одма утре тоа да го направиме, но тоа почитувани кавадарчани нема да се случи затоа што си имаме работа со човек кој што не ја говори вистината, каде што неправдата е дел од неговото секојдневие. Тој мислеше дека со малкумина кои што коленичат покрај него кој што го опсипуваат со комплименти и хвалоспеви за неговата работа дека ќе владее вечно. Дојде крајот, дојде денот кога ќе се збогува со местото кое што три години го узурпираше. Дојде денот а тоа е 12 Април кога ќе следи одговорност за сите оние кои што се погрешиле пред законот и се осрамотиле пред граѓаните. 12 Април 2020 е тој ден и јас ве уверувам дека ќе има одговорност, ќе има и мора да има“, рече Мицкоски.

Лидерот на опозициската партија се осврна и на најавеното зголемување на пензиите од 720 денари, и го нарече уште една невистина.

„Уште една груба манипулација од како го смени законот и го избриша делот каде што пензиите два пати годишно се усогласуваа со средната плата во државата и ги скрати пензионерите за овие речиси три години за најмалку 1.500 денари месечно, денеска вели бидејќи доаѓаат избори, а немам каде да бегам уплашен сум затоа што следи одговорност еве половина ќе ви вратам 720 денари. Е тоа така не може. Тоа така нема да биде, луѓето за 700 денари месечно не си ја продаваат својата гордост и своето достоинство , ќе те казнат и тебе и тие околу тебе кои што ти аплаудираат на 12 Април во 2020 година затоа што сакаат луѓето да видат одговорност.

Сакам да зборувам и за она насекаде каде што го зборувам, а тоа е последниот столб од нашата програма а тоа е не е за антиквизација , не за севернизација, туку ајде да си се вратиме кон корените и едно големо да за македонизација на Македонија, да си го вратиме македонизмот во Македонија. Со сета почит на нашите сограѓани, но ние сме Македонци горди кои што говорат македонски јазик и се од Македонија. Но тоа не е наше ексклузивно право не е македонизмот наше ексклузивно право. Сите ние кои сме се родиле во оваа држава без разлика на нашата етничка припадност тука сме се образувале тука сме растеле тука сме се радувале тука сме тагувале и најверојатно најголемиот дел од нас тука ќе ги завршиме и нашите животи.

Ние најмалку што и должиме сега во овие тешки моменти на оваа наша татковина е да прашаме и да си го поставиме прашањето што можеме ние да направиме за нејзе а не што може таа да направи за нас. Од 13 април 2020тата доаѓа одговорот ако ништо друго треба да ги засукаме ракавите да работиме и да го исправиме сето она кое што ова арамиска влада на чело со Зоран Заев го и СДСМ го направи.

Работа тоа е иднината, тоа е она за кое што ние ќе се бориме секојдневно. Сите тие почитувани Кавадарчани браќа и сестри кои што ќе ви велат дека е завршено се дека нема излез за нас тие се жртви на пропагандата на СДСМ и Зоран Заев тие не ја говорат вистината ништо не е завршено мора да веруваме во себе мора да веруваме во секој еден од нас мора да се обединиме мора да се сплотиме заедно сме посилни рамо до рамо еден до еден без разлика на вера без разлика на нација без разлика на политичка припадност сите оние кои што се незадоволни од политиките на Зоран Заев и актуелната влада сите оние кои што не ја препознаваат сопствената иднина таму се добредојдени“, рече Мицкоски.

Тој ги повика граѓаните да се обединат околу обновата за Македонија. „Сите до еден да го оставиме Зоран Заев и тие малкумина околу него љубители самите со нивниот примитивизам од типот на мало сутра и тепсијата да си ги изгубат изборите на 12 април а потоа да им покажеме како честито како вредно и како напорно може да се работи за сопствената држава а истата да успее“, рече Мицкоски.

извор: Makfax

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата