Хан: Вучиќ ми кажа дека е демотивиран по блокадата на преговорите со Северна Македонија и Албанија

14.11.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Хан: Вучиќ ми кажа дека е демотивиран по блокадата на преговорите со Северна Македонија и Албанија

Европскиот комесар за проширување во заминување, Јоханес Хан вели дека српскиот претседател Александар Вучиќ му кажал дека по блокирањето на разговорите за членство со Северна Македонија и Албанија, не му е јасно зошто и понатака би бил мотивиран да преговара со Приштина. Хан ова го кажа во интервју за „Фајненшал тајмс“, а весникот оцени дека таквиот став е удар за ЕУ, која помина скоро 10 години обидувајќи се да посредува во разговорите меѓу Белград и Приштина.

Хан вели дека блокадите се случиле во момент кога треба да се засилат напорите за ЕУ да стане посилен светски играч, како и дека губењето на влијанието во регион, за којшто вели дека е географски и историски близок на ЕУ, остава простор којшто би можеле да го пополнат Кина и Русија.

Тој додаде дека за него е најболно тоа што ЕУ не покажала дека се придржува кон „принципите на партнерство и одговорност“.

Хан додаде дека е горд на напредокот постигнат за време на неговиот мандат во унапредувањето на врските меѓу државите од регионот – Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија – кои сè уште се обидуваат да ги надминеат војните и немирите од 90-тите.

Хан го поздрави фактот што лидерите на Северна Македонија, Албанија и Србија презедоа иницијатива да се заложат за укинување на царинските бариери за трговијата.

извор: Makfax

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата