Филипче: Воведовме три нови типови инсулин, посветени сме на пациентите со дијабетис

14.11.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Филипче: Воведовме три нови типови инсулин, посветени сме на пациентите со дијабетис

Министерот за здравство, Венко Филипче, денеска присуствуваше на централниот настан за одбележување Светски ден против дијабетесот, во организација на Сојузот на здруженија на дијабетичари, со поддршка од Министерство за здравство, здруженија, институции и компании.

Во своето обраќање тој нагласи дека Министерството за здравство е целосно посветено на обезбедување најквалитетен третман за сите пациенти со дијабетес мелитус и сите лица на инсулинска терапија се соодветно снабдени со инсулин, потенцирајќи дека грижата за лицата со дијабет и обезбедувањето соодветна инсулинска терапија е врвен приоритет на Министерството за здравство.

„Во изминатиот период воведовме три нови типови инсулин, кои се најнова генерација на лекови и два нови инсулински аналога. Исто така, е направена многу значајна измена на Законот за паралелен увоз на лекови, со што во земјава се донесени оригинални инсулини со сертификат какви што се носат во сите развиени европски земји. Со тоа значајно се подобрува квалитетот на третманот на дијабетесот. Воедно, се подобрува и кардиоваскуларниот ефект, заради тоа што има многу поголемо влијание на кардиоваскуларниот систем. Во изминатиот период активно работевме со сите чинители, кои имаат улога во овој процес во изготвување на новата десетгодишна стратегија за третман на дијабетес, која во себе содржи елементи, кои ја подобруваат превенцијата, раното откривање на дијабетесот, соодветниот третман на ниво на секундарна и терциерна здравствена заштита. По носењето на оваа стратегија ќе почне ревитализација на сите центри за дијабетес ширум државата“, истакна министерот Филипче.

Тој додаде дека во рамки на Националниот електронски систем МојТермин, функционира посебен софтвер и во реално време се следи потрошувачката и снабдувањето со инсулин и ленти за мерење шеќер во сите установи и нашата држава е пример за таков тип софтвер, единствен во регионот.

 

извор: Makfax

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата