Меркел се дистанцира од изјавите на Макрон за НАТО

10.11.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Меркел се дистанцира од изјавите на Макрон за НАТО

Германската канцеларка, Ангела Меркел, и министерот за надворешни работи на Германија, Хајко Мас, денес повторно се дистанцираа од францускиот претседател Емануел Макрон, кој оцени дека НАТО алијансата е мртва. Како оправдување за оваа негова изјава тој го наведе отсуството на координација меѓу САД и Турција, која, иако е членка на НАТО, неодамна воено интервенираше во Сирија.

„Треба да разјасниме кои се стратешките цели на НАТО“, рече во четртокот францускиот лидер.

Меркел бргу одговори на изјавата на Макрон, велејќи дека не ја дели „радикалната“ визија на Макрон.

„НАТО, Северноатлантската алијанса е столбот на нашата одбрана. Сепак, сè повеќе е јасно дека ние Европејците кои сме членки на НАТО треба да преземеме поголема одговорност во иднина“, рече Меркел во емисијата посветена на 64. роденден на германската армија.

Таа изјави дека треба да се зајакне европската страна во НАТО.

„Поради тоа во ЕУ постои соработка во доменот на одбраната“, рече канцеларката.

Таа вечерва ќе се сретне со Макрон во Берлин, а на вечерата ќе присуствува и германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер.

Мас се изрази со сличен тон во колумната во весникот „Шпигел“, наведувајќи дека Германија сака да биде во НАТО и има потреба од НАТО.

„Би било грешка да се дозволи НАТО да пропадне. Без САД, ниту Германија ниту Европа не можат да се одбранат ефикасно“, оцени тој.

извор: Makfax

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата