Овде и сега

Совршено корисни непријатели

30.10.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Совршено корисни непријатели

Во духот на македонската општествена благосостојба и просперитет, а ќе да е и развој, слободата на мислата како императивен и нераскинлив дел од уставно загарантираните права на секој Македонски граѓанин/ка, последниве години, дефинитивно добија ново значење.

Со програмската цел на небесните извршители на извршната власт, со која се деконтаминираше јавниот простор од извршителите/платеници на режимот на Груевски и во услови кога патриотическата дипломатска машинерија на Димитров, извојува триумфален евро-атлантски прием на Република Македонија, под нејзиното уставно име, дојдовме и до врвните мислители на блескавата иднина на Македонската држава. Секако, во оваа совршена слика, во овој грандиозен историски моментум, единствено опозицијата е таа која не може да се помири со овој огромен успех, кој за нецели три години, од Македонија направи лидер на Балканот и пример по кој се водат и нашите стратешки партнери во Европа и зад барата!

– За нештата да бидат појасни, дефинитивен е заклучокот на сите засегнати, дека не случајно најголемиот успех во оваа низа на успеси на актуелнава влада, под закрилата на европското знаменце, е најновиот бизнис на кланот Заеви за дисеменација на огромните контингенти на марихуаната, која ги чека своите конзументи, а сѐ со цел да им го подобри расположението на граѓаните, кои западнаа во хипереуфорија од економскиот развој и од совршениот правосуден систем, па истите мораат да го исконтролираат количеството на благосостојба со подобрување на личното расположение, инвестирајќи во богатењето на своите небесни спасители.

За нештата да бидат појасни, она што совршено се преклопува во оваа грандиозна слика е и поддршката на нашите балкански соседи кои толку ревносно се потрудија да ни помогнат да стасаме до ова дереџе, па во интерес на денешното писание, неоспорно мораме да ги споменеме. Првенствено ајде да се потсетиме на Тиранската платформа, каде дел од нашите политички претставници, ја кроеја политиката на Република Македонија, под модерацијата на г-динот Рама.

Понатаму, следуваа договорите со соседна Бугарија и Грција, со кои оваа квислиншка власт прифати дека ние сме коминтерновска творба, дивоградба на Балканите, без корен, без јазик, без идентитет. Оваа состојба, нѐ лансираше директно онаму каде водачите на „нема правда, нема мир“, планираа да не однесат, т.е. во 1878 година, пред Берлинскиот конгрес. Донесени во темен тунел, со разурната совест и без основно чувство на чест и отсуство на минимален осет за било каква општествена одговорност, во опкружувањето на овие „блескави политички констелации“, особено станаа корисни неколцина совршено корисни соработници.

Секако, грантираните и добро дресирани, а денес владини функционери, после толку долгата борба за соборување на поранешниот режим, нема да си ги валкаат дополнително рацете со „ситна боранија“ и со „некаква си опозиција“, па затоа таа задача им ја препуштија на своите уценети загари, кои ја предадоа каузата и ја кастрираа својата некогашна слика за исклучителната машкост, станувајќи безлични пудлици на инсталираниот режим.

Поаѓајќи од реалната можност да западнат во јама, не до крај сигурни за поголемата и за помалата слика на нештата, деновиве повторно се јави поданичката машинерија која по обемот на глупоста, докажа дефинитивно дека одработува за својот век и дека е најдостапен потрошен материјал за употреба. Без намера да се занимавам со секој поединечно, неминовно ми прелетува Черчиловската дума дека: „Лагата ќе го прелета целиот свет пред вистината да добие можност да си ги облече пантолоните“!

– Секако, ова во корелација со вечната парадигма на борбата за мисла и одговорност, која не еднаш сум ја повторила, а секојпат го потврдува своето недвосмислено значење дека „да има човек свое мислење, во денешно време, тоа е дефинитивно прашање на совеста“. Е сега, прашањето е како да се одговори на оние кои немаат никакво чувство ни за совест, ни за чест. Како да им се објасни на таквите, што значи во вистинска смисла, идеалот „Македонија на Македонците“, или како да им се наслика за да им влезе во праволиниските зомбифицирани и умртвени очи, колкава е штетата која власта на Заеви, и ја нанесе на Република Македонија.

На кој начин да им се долови плачот на стотици, илјадници мајки и деца, кои катадневно ечат под тортурата на власта и безнадежно гледаат како им пропаѓаат надежите за посветла иднина. Како да им се објасни на разно разните шалтерски плачковци по амбасадите, што значи да си простум наспрема толкавиот ураган кој тргна да не избрише, кој ги расклати темелите на државотворноста и не престрои на перонот на имагинарно изградената железничка пруга кон Бугарија.

И на крајот од краиштата, кои се вистинските зборови со кои може да им се пристапи на овие јатаци, кои наместо да ги погледнат своите дејствија и сопствената неспособност, најдрско се пенават прстот да го вперат онаму каде им наложиле нивните сопственици. Овој центар, околу кој гравитираат плиткоумните прагматични некогашни предводници на ВМРО-ДПМНЕ, надалеку задира на трулежот и распаѓањето, еквивалентно на нивните лажни и надуени политички биографии.

Истите го трчаат последниот круг од нивните истрошени кариери, вистина, не голи и боси, но, кога материјалното го надополнило отсуството на внатрешниот мир?! – Авионот одамна е полетан, пилотот е спремен за задачата, а Македонскиот народ и сите Македонски граѓани многу наскоро ќе го започнеме обновувањето на Република Македонија и ќе донесеме правда и мир. Следете не, бевте навистина совршено корисни непријатели!

Иванка Василевска, Универзитетски професор (30 октомври 2019) 

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата