(Видео) Манчевски: Регистарот на население ќе помогне за пречистување на Избирачкиот список

17.10.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
(Видео) Манчевски: Регистарот на население ќе помогне за пречистување на Избирачкиот список

Регистарот на население ќе биде алатка која ќе го помогне спроведувањето на пописот, а податоците од Регистарот ќе бидат и искористени и за пречистување на Избирачкиот список, изјави министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски.

Централниот регистар на население денеска беше пуштен во употреба, а овозможува собирање на податоци за физички лица и нивно користење од страна на надлежните институции за потребите на нивните управни постапки. Регистарот им овозможува на институциите кои работат со личните податоци на граѓаните, тука да ги најдат најновите и најпрецизни податоци за граѓаните без потреба од рачно одржување и ажурирање.

„Регистарот на население содржи податоци кои се унифицирани, верифицирани, стандардизирани и валидизирани. На овој начин, со пуштање во употреба на Регистарот, граѓаните конечно нема да се соочуваат со проблемот на различни податоци во различни институции и дати бази“, истакна министерот Манчевски.

Тој рече дека Регистарот на граѓани ќе биде основа за креирање на единствен електронски број на граѓанинот. Понатаму, овој број ќе биде клучен за системите кога граѓанинот ќе побара услуга од институциите. Секој граѓанин, рече Манчевски, има право да ги знае неговите лични податоци содржани во Регистарот.

Манчевски рече дека МИОА воведува нова услуга со која секој може да провери кои податоци се запишани во регистарот.

„Секој граѓанин има право да знае кој ги користи неговите лични податоци. МИОА воведува нова услуга со која секој може да побара информација за тоа која институција, кога и поради која причина ги користела податоците од Регистарот за граѓанинот. Понатаму, Регистарот на население ќе биде алатка која ќе го помогне спроведувањето на Пописот, а податоците од Регистарот ќе бидат и искористени и за пречистување на Избирачкиот список“, рече Манчевски.

Министерот Манчевски, даде осврт и на целиот процес на дигитализација на јавната администрација.

„Регистарот на население е основата без којашто дигитализацијата на јавната администрација беше невозможна. Податоците впишани тука, се дел од Националниот портал за е-услуги, којшто исто така, многу скоро ќе биде пуштен во употреба. Се што досега беше синоним за досадни, долги, фрустрирачки редови на чекање, од следниот месец ќе почнува постепено да биде заменето со неколку кликови на Порталот за е-услуги, од вашиот компјутер или мобилен. Реформата на јавната администрација со цел обезбедување на побрзи и поквалитетни услуги на граѓаните може да се реализира само со помош на дигитализацијата. Од денеска, можам со задоволство да кажам дека тој процес е конечно во фаза на континуирана реализација и имплементација“, заклучи министерот Манчевски.

извор: Makfax

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата