Објавен тендер за чистење на линданот од Охис

16.10.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Објавен тендер за чистење на линданот од Охис

Проектната канцеларија за неразградливи органски загадувачи (POPs) во изминатиот период ја комплетираше документацијата за објавување повик за меѓународен тендер од страна на УНИДО (UNIDO – United Nations Industrial Development Organization), агенцијата одговорна за спроведување на проектот „Отстранување на техничките и економските бариери за започнување на ремедијацијата на локациите контаминирани со α-HCH, β-HCH и линдан во ОХИС“, со цел да се избере најдобро решение/технологија за деконтаминација на малата депонија со HCH отпад сместена во кругот на поранешната фабрика ОХИС во Скопје.

Тендерот е објавен на 15.10.2019 година на официјалната веб-страна на UNIDO на следниот линк, а периодот за доставување на понуди ќе трае до 11.11.2019 година. По пристигнувањето на понудите, ќе биде формирана комисија од страна на UNIDO, составена од меѓународни и национални експерти, која ќе ја избере најдобрата понуда, а по што ќе следат активности за започнување со работа на терен (обезбедување потребна документација, обезбедување на просторот и превентивни мерки за заштита на околината и конечно започнување со чистењето), информираат од Канцеларијата за перзистентни органски загадувачи (POPs) при МЖСПП.

Со чистењето на локациите контаминирани со HCH и со другите придружни загадувачи, ќе се намали и/или елиминира емисијата на овие загадувачи во околината. Исто така, ремедијацијата на контаминираните локации во ОХИС ќе овозможи услови за ревитализација на земјиштето, односно негово повторно користење за индустриски намени со што ќе се креира позитивен амбиент за привлекување на инвестиции во оваа област, а кои ќе резултираат и со можности за нови вработувања.

Македонското еколошко друштво (МЕД) е носител на активностите за подигнување на јавната свест за влијанието на линданот врз човековото здравје и состојбата на животната средина и процесот за неговото отстранување од ОХИС и правилно справување. Овие активности се спроведуваат во координација со Канцеларијата за неразградливи органски загадувачи (POPs) на Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) а во рамки на повеќегодишниот проект „Отстранување на техничките и економските бариери за започнување на ремедијацијата на локациите контаминирани со α-HCH, β-HCH и линдан во ОХИС, 100122“, финансиран од Глобалниот еколошки фонд (GEF) и имплементиран преку УНИДО со национална контрибуција од страна на Владата на Република Северна Македонија.

По изборот на фирма понудувач од страна на меѓународната изборна комисија, МЕД ќе продолжи со активностите за информирање на јавноста и локалното население, за начинот на отстранување на HCH отпадот од малата депонија во дворот на поранешната фабрика ОХИС преку организирање на повеќе јавни настани.

извор: Makfax

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата